Теловска: Нема ниту нови градинки, ниту втора смена во нив

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска најавуваше втора смена во градинките од септември, но ќе помине и октомври, а тоа не се случи, ниту, пак, може да се случи, а тоа покажува какво големо незнаење има министерката на СДСМ од областа на заштита и згрижување на децата во предучилишниот период.

Ова го истакна Нермин Теловска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен кандидат за градоначалник на општина Чаир, на денешната панел-дискусија на Комисија за труд и социјална политика на ВМРО-ДПМНЕ.

„Нека излезе Царовска на терен, а не од канцеларија да прави анкета, бидејќи тоа не е репрезентативен примерок, тоа е несериозност. И срамота е да се потпира на вакви анкети“, рече Теловска.

Подвлече дека ниту планираните градинки низ Македонија нема да се отворат, бидејќи нема средства во буџетот за таа намена. Потсети дека ВМРО-ДПМНЕ во програмата „Реално“ имаше планирано отворање на 140 детски градинки.

„Царовска и нејзината влада скратија од буџетот 5,6 милиони и сега таа не се срами да излезе и да каже дека планира втора смена, а знаеме дека за втора смена во градинките се потребни 1.000 нови вработувања, а за тоа треба да се зголеми и Буџетот. Но, тие наместо да го зголемат, го намалија“, потенцираше Теловска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.