Теловска: Владата удира по џебот на 300.000 пензионери

Не дојде животот во Македонија, дојде сатанот. СДС го крати покачувањето на пензијата за 5%. Самите функционери од редовите на СДС кои работат во Министерството за финансии велат дека владата на ВМРО-ДПМНЕ била таа која милувала да ги покачува пензиите и дека сега дошло време кога треба да се запре со тоа бидејќи тие имале поважни работи. Односно да им останат повеќе пари за нив поважните работи, ова денеска го изјави на прес-конференција Нермин Теловска член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Видовме кои се тие работи кои се поважни за нив, ангажманот на менаџери од српската естрада и плаќање на платеници кои кршеа и палеа низ Скопје и други градови. Оваа влада удира по џебот на 300.000 пензионери, тие на сопствена кожа ја осетија грубоста и ја осетија негрижата на оваа влада кон нив. Оваа влада не се грижи за интересите на граѓаните. Во време на ВМРО-ДПМНЕ пензиите беа исплаќани секоја прва недела од месецот. Се сеќаваме почитувани, кога за време на СДС како беа исплаќани пензиите на рати и во групи, вели Теловска.

Истакна и дека просечната пензија во нивно време беше 7.684 денари, а во времето на ВМРО-ДПМНЕ се качи на 13.755 денари.

„Во времето на ВМРО-ДПМНЕ се правеа низа мерки и проекти за подобрување на квалитетот на живеење на пензионерите. Така тие добија бесплатно банско-климатско лекување и рехабилитација и релаксација, добија бесплатен викенд превоз со воз, превоз со автобусите низ градот Скопје, попуст од 50 отсто за влез во институции на културата и други проекти и мерки. Граѓаните во Македонија се незадоволни од оваа политика, од оваа негрижа за интересите на граѓаните на Македонија. Казната ќе стигне на 15 октомври. На 15 октомври пензионерите и мнозинството македонски граѓани ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ“, потенцираше Теловска.