Во јули ќе се објави тендер за обнова на Трескавец

Во јули ќе се објави тендер за обнова на Трескавец

Во јули ќе биде објавен тендерот за обновата на опожарените конаци на Трескавец, а во септември ќе биде целосно готов источниот конак на манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Варош. Ова го изјави министерката за култура Елизабета Канческа Милеска на денешната прес-конференција во прилепскиот „Завод и музеј“.

Министерката за култура денеска е во посета на Прилеп, а беше и на локалитетот „Стибера“ каде е пронајдена новата мермерна скултура што е ново ексклузивно откритие на овој локалитет.

Според Канческа Милеска, Прилепскиот музеј работи на неколку капитални проекти.

Сите проекти за обновата на опожарениот конак на манастирот Трескавец се завршени и во јули ќе биде отворен тендерот за изведувач на работите. Прилепскиот завод паралелно работи на проектите за фрескоживописот на црквата, магерницата, магерничкиот конак. Во септември целосно ќе биде завршен источниот конак на манастирот „Свети Архангел Михаил“. Работите се во завршна фаза, се мести дограмата, а целиот конак е на површина од 292 метри квадратни. Активно се работи и на конзервација на архитектурата и живописот на манстирот „Свети Никола“ , а црквата датира од 13 век во село Манастир, Мариово, објасни Канческа Милеска.

Во тек, како што додаде, е непосредна заштита на административната зграда на музејот, уредување на целиот комплекс, со лапидариум и со нова етнолошка поставка, а историската се наоѓа во музејот „11 Октомври“. Тоа е во завршна фаза и ќе се склучи договор со фирмата која ќе ги изведува работите и в година да биде завршено.

– Музејот работи и на проектот за заштита на манастирот Зрзе кој е целосно завршен и овие месеци ќе се промовира. Проектите ги опфаќаат монашнкиот конак, работилницата за копаничарство во манастирот, североисточниот бедем и влезната кула. Освен тоа, во завршна фаза е и обновата на прилепската староградска куќа, куќата на Жеревци, рече на прес-конференцијата Канческа Милеска, објави МИА.