Тендерите во МВР мирисаат на криминал

Според Центарот за Цивилни комуникации, отчетноста на поголем дел од институциите е на трагично ниво. Во анализата која ја објавија дури три министерства кои располагаат со огромен буџет се со најмала транспарентност, и тоа Министерството за внатрешни работи кое е на прво место, по него е Министерството за здравство, па следува Министерството за земјоделство.

Иако Владата предводена СДСМ буквално ја бомбардираше јавноста дека ќе бидат најтранспарентната влада досега и дека граѓаните ќе знаат како и на кој начин се трошат парите на граѓаните, анализата на Центарот покажа дека ваквите најави се покажаа како уште една голема лага. Нивното истражување покажало дека дури 86 отсто од институциите не ги објавуваат огласите за јавни набавки и на своите веб-страници, додека само една објавува на својата веб-страница известувања за склучените договори, а ниту една не ги објавува склучените договори и нивните анекси. Истите податоци се повторуваат и кога, на пример, ви е потребна некоја информација според законот за пристап до информации до јавен карактер. Анализата покажува дека третина од институциите ги доставиле бараните документи за слободен пристап дури по поднесената жалба до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. Симтоматично е што институциите давале отпор за доставување на овие информации. Оние кои го испочитувале законскиот рок (од 30 дена), просечно им биле потребни 27 дена за доставување на информациите. Ветувањата на СДСМ пред да дојдат на власт беше дека овие рокови ќе се скратат на половина. Но како и сите ветувања, така пропадна и ова ветување.

Да се вратиме на рангирањето на институциите. Како најслабо рангирано е Министерството за внатрешни работи предводено од Оливер Спасовски, со исполнување на само 34 отсто од утврдените критериуми, а најдобро рангирано е Министерството за правда, со исполнети 65 проценти од критериумите. Ваквото катастрофално водење на ова министерство може да се забележи уште веднаш со самото преземање од страна на СДСМ. Покрај тоа што беа заменети сите професионалци со партиски војници, пукна скандал со набавка на возила од марката „Шкода“ од партискиот финансиер на СДСМ, „Делукс-ауто“ од Куманово кој е во блиски односи со министерот Спасовски.

Друга поразителна статистика се јавните набавки во институциите предводени од СДСМ. И тука не им функционира отчетноста на нивното „Министерство за вистина“. Бројките сѐ повеќе од трагични. Само 14 отсто од институциите ги објавуваат огласите за јавни набавки и на своите веб-страници, додека само една институција објавува на својата веб-страница известувања за склучените договори, а ниту една не ги објавува склучените договори и нивните анекси, како ни известување за реализиран договор за јавни набавки. Или тоа значи дека граѓаните и граѓанските организации немаат апсолутно никаква идеја каде одат нивните пари. Она што е симптоматично кај оваа власт е уделот на тендерите каде е добиена само една понуда. Иако не пропуштаат да кажат дека се за конкуренција и дека сакаат да има повеќе понудувачи, сепак, тоа во практиката се покажува сосема во спротивно светло. Просечниот удел на тендери според анализата со една понуда е 27 отсто, движејќи се од 7 до 41 проценти кај одделни институции. Според нив, она што е дополнително загрижува е што кај 11-те институции кај кои учеството на тендери со еден понудувач е поголемо од 30 отсто, вкупната вредност на набавките изнесува повеќе од 100 милиони евра. Алармантни се бројките дека дури 29 проценти од институциите имаат тендерски документации за кои може да се оцени дека содржат дискриминаторски елементи, односно услови за учество кои можат да ја ограничат конкуренцијата.

Проблемот е во тоа што со добивањето само една понуда се оневозможува одржување електронска аукција за намалување на цените а можноста од корупција е многу висока.

Оваа анализа покажува дека институциите не се ниту транспарентни, ниту отчетни како што се обидуваат да ни претстават од Министерството за финансии. За бадијала му се сите посети и прес- конференции на Роберт Поповски во обид да ја убеди јавноста на транспаретноста на Владата. Самото рангирање на инстиутциите на ограниченото ниво на транспарентност, отчетност и интегритет кажува со какви пропагандисти си имаме работа.