Тенко мнозинство Британци против излегувањето од ЕУ

Доколку Велика Британија би одржала уште еден референдум за членството на земјата во Европската унија, евроскептиците можеби не би го повториле својот успех, покажува истражувањето на јавното мнение од кое резултатите се објавени во средата.

Во моментот, 51 отсто од британските избирачи би гласале за останување во ЕУ, покажува анкетата што ја нарачал Европскиот парламент. Во истото истражување 34 отсто од испитаниците рекле дека повторно би гласале за излегување од Унијата, а 11 отсто биле без одговор.

Британците на референдумот од јуни 2016 година со 52 отсто гласаа за излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија. Британија треба да излезе од Унијата вечерта на 29-ти март 2019 година.

Новите податоци се објавени непосредно кога челниците на ЕУ се подготвуваат за самитот кој ќе се одржи во среда и четврток. И додека времето истекува, Брисел и Лондон во текот на изминатиот викенд повторно западнаа во ќорсокак во преговорите, околу прашањето ба границата меѓу Република Ирска, која е членка на ЕУ, и Северна Ирска која е дел од Обединетото Кралство.