Тенковите без масло, касарните прокиснуваат, стражите без лекови

Македонија маршира кон НАТО, но без тенкови и возила во кои не е сменето маслото, а освен што војниците се жедни и гладни, не се ни бањати оти не работат тушевите во касарните, па можат да се тушираат само кога врне оти прокиснуваат покривите.

Како што претходно пишуваше НетПрес , до Министерството за одбрана се стигнати доверливи документи за логистичките проблеми и неисправности со кои се среќаваат војниците на АРМ во изинатиов период, а кои влијаат на способноста на командите и единиците. Професионалните војници на АРМ немаат вода за пиење, јадат еднообразна храна, а некаде мораат да ја преваруваат водата за да готват оти водата е загадена со бактерии. Освен со храната и водата, припадниците на АРМ кубурат со основни средства за работа.

Особено проблематична е состојбата во Тенковскиот баталјон- 1 механизирана пешадиска бригада.

Во извештајот меѓу друго е наведено следното:

На тенковите „Т-72 А“ моторното масло и хидрауличното масло за топ е со истечен временски рок, потребна е нивна замена. Во баталјонот има три групи на исправни акумулатори. Обуката на тенковите Т-72 А ќе се изведува без стартување на мотор поради тоа што нема ново моторно масло.

Неисправни моторни возила (проблеми при поправка-недостаток на делови и персонал во техничките работилници). Неизвршени технички прегледи и баждарење на дел од техничко-материјални средства како што се АБХО и инженериски ТМС, КОРС тренажер за обука Реакт М-2000. Подолготрајна неисправност и проблеми во одржувањето на уредите од типот „Харис“ и намален капацитет кај изворите за напојување на уредите од типот „Харис“ и  „Моторола“.

Освен што војниците останаа без флаширана вода, тоа особено се однесува на стражите, недостасуваат лекови во прирачните аптеки во состаот на стражите и издвоените објекти. Поради недостиг на воено-теренска униформа дел од персоналот нема задолжено втор комплет на униформа или одредени делови од униформата, а воедно  неопходно е замена на делови на униформата.

Покривот од зградата на Командата на касарната „Чеде Фииповски Даме“ во Кичево е дотраен и протекува, постои опасност при поголеми снежни наноси на одредени места да се оштети. Во касарната „Страшо Пинџур“, гарнизон Петровец,  неисправна е бензинска пумпа за точење на дизел гориво односно истото се точи од канистри. Протекува покривна конструкција на објект во касарната и објектот на касарнската стража.

Во гарнизон Петровец, касарна „Чојлија“ поради неисправен поккрив на објектот има протекување во просториите на единиците, а распукан е ѕидот во командата на АБХО.

Во касарната „Мирче Ацев“, гарнизон Прилеп, неисправна е една од линиите на грејната инсталација, потребно е санирање на дефекти на проводни цевки од котларата. Во касарната „Боро Менков“, гарнизон Куманово, подземниот резервоар за екстра лесно гориво е во неисправна сосотојба- протекува и привремено се користи надворешна цистерна.

Во штипската касарна „Јане Сандански“ нема осветлување во машинскиот простор, столаријата во 80 отсто од објектите за сместување на војниците е неисправна (дотраена, не дихтуваат прозорците). Тушевите на спратовите не се во функција, се користат само на приземјето.

На ИО „Криви Дол“ е потребна целосна реконструкција на осветлувањето и поправка на покривната конструкција на објектот каде е сместена стражата.

Карактеристичен е и  случајот со касарната Кузман Јосифовски- Питу. Исто како и во претходно наведените касарни и овде има проблем со функционалноста на објектите. Поради неисправност на кровот и олуците од два павилјони доаѓа до одронување на фасадата од објектите, а поради неисправна водоводна инсталација во санитарните јазли протекува вода од вториот и првиот спрат.

Но посебен проблем за тетовската касарната е што од северозапаната страна, согласно урбанистичкиот план на град Тетово, поминува асфалтиран пат во изградба, кој е на повисока надморска висина од нивото на касарната па бетонскиот ѕид ја губи неговата основна функција односно нема улога на заштитен ѕид.