Теодоракис: Зборот Македонија во името на Скопје е поопасно од банкротот на Грција

„Туркањето во банкрот и раскинување на нашето општествено ткиво беше огромен проблем. Но, да дојдеме до точка каде што е загрозен интегритетот на нашата земја, ова не е само огромно прашање, туку нормална смрт“, вели познатиот грчки композитор Микис Теодоракис во писмо до јавноста за проблемот со името на северниот сосед.

Големиот национален уметник, како што го нарекува „Прототема“, бара да нема отстапување од одлуката на Советот на политичките лидери од 1992 година, со која се дефинира националната линија за Скопје, според која терминот Македонија не треба да биде вклучен во името на Скопје.

„Секое повлекување од оваа линија ќе има катастрофални резултати за иднината на нашата земја, бидејќи по осумте години грабеж на грчкиот народ, што нè доведе до моменталната драматична ситуација, сè што останува е да го зачуваме нашиот национален интегритет“, вели тој.

„Возејќи се на името ‘Македонија’ и со деформирањето на историските настани до степен на смешното барање за проширување на своите граници на сметка на нашите заради создавање на т.н. ‘Егејска Македонија’, клучната цел на соседната земја, тие негуваа генерации Македонци со оваа идеја и сега веруваат дека се вистински потомци на кралот Филип и на Александар Велики“.

На крајот од писмото Теодоракис завршува со заклучок: „Кога се плашиш да кажеш дека ја сакаш својата татковина и кога – уште полошо, ја продаваш – тоа не е расизам. Тоа не е национализам, тоа е патриотизам. И на Грција денес, повеќе од кога било, ѝ требаат патриоти“.

Благој Нацоски му одговори на Теодоракис

Македонскиот оперски пејач Благој Нацоски кој е колега и пријател на притворениот Игор Дурловски му напиша писмо на прославениот грчки композитор и диригент Микис Теодоракис.

Грчкиот музичар предходно побара Грција и властите во Атина да не попуштаат ниту чекор од своите црвени линии во спорот за името Македонија која според него има исклучиво грчка историја.

Благој Нацоски настапува во најславните оперски куќи низ светот меѓу кои и миланската Скала.

Целото писмо до Теодоракис од Благој Нацоски

Маестро Теодоракис, најискрено останав длабоко изненаден читајќи ги Вашите изјави во денешното издание на грчкиот весник Прототема, кои се однесуваат на проблемот што Вашата земја го има со името на мојата татковина. Моето изненадување е од повеќе причини:

– најпрвин, од личност како Вас, признат врвен уметник во целиот свет очекував барем малку повеќе космополитизам и отвореност. Ние, музичките уметници ја имаме таа среќа да работиме една благородна професија која истовремено ни овозможува да патуваме низ целиот свет говорејќи на јазик (музичкиот) кој успева да ги сруши сите ѕидови и сите конфликти. Оваа уметност ни овозможува сите нас да бидеме обединети во едно големо семејство каде што културните разлики помеѓу народите претставуваат едно богатство на човечкиот израз.

– второ, во 1997 Вашето најпознато дело “Гркот Зорба” беше изведено во тогаш МАКЕДОНСКИОТ Народен Театар, денешна МАКЕДОНСКА Опера и Балет, заедно со МАКЕДОНСКАТА Филхармонија, во присуство на Претседателот Киро Глигоров и целокупниот државен врв на Македонија, настан пренесуван во живо од страна на МАКЕДОНСКАТА Радио Телевизија и грчката национална ТВ. Јас лично како ученик во средното музичко училиште во Скопје ги следев сите проби, а мојата мајка учествуваше во изведбата. Тогаш не се сеќавам дека имавте замерка да настапите во главниот град на Република Македонија диригирајќи лично со двата македонски национални оркестри и хор. Во таа прилика го посетивте и гробот на Зорба, кој се наоѓа во гробиштата во Бутел. Токму приказната за Зорба како историска личност и како книжевен лик, би можела да биде еден од позитивните примери и ‘адути’ за проникнувањата меѓу културите на балканските народи, но не како нов ‘мит’ туку како потстрек за барање на конструктивни решенија.

Ова мое обраќање кон Вас сакам да го завршам со енда мисла на авторот на книгата за Гркот Зорба, славниот грчки писател Никос Казанѕакис, која гласи: „Едно време ги делев луѓето на Бугари, Турци, Македонци и Грци, сега ги делам на добри и лоши. А еден ден и тоа нема да го правам, затоа што сите заминуваме во една иста почва…“

Со почит
Благој Нацоски

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.