Силните мигрантски бранови што вршат притисок врз границите на Грција и континуираната толеранција на Турција кон криумчарите претставуваат закана за цела Европа, ја поткопуваат нејзината внатрешна безбедност и јасно го кршат меѓународното право, рече министерот за заштита на граѓаните, надлежен за полицијата Такис Теодорикакос од Луксембург, каде што учествува на Самитот на министрите од Европската Унија, јави дописничката на МИА од Атина.
Теодорикакос во изјавата потенцираше дека Грција ефикасно ги штити своите граници, кои се и граници на Европа, „согласно меѓународното право и против инструментализацијата на човечките животи“.
-Сега ни е потребна практичната поддршка од Европа и соработката со сите наши партнери. Во период на меѓународни турбуленции и закани, големото европско семејство мора повторно да биде столб на стабилност, безбедност и солидарност. Докажувајќи, на тој начин, дека неговите вредности остануваат силни, непроменети и за нив не може да се преговара, рече Теодорикакос.