Теоретичар на заговори мора да плати 45,2 милиони долари на родители на момче убиено во пукање во 2012

Американскиот теоретичар на заговори Алекс Џонс мора да им плати на родителите на шестгодишно момче убиено во пукањето во Сенди Хук во 2012 година 45,2 милиони долари отштета, пренесуваат агенциите.

Оваа отштета е изречена откако веќе му е досудена отштета од 4,1 милиони долари бидејќи лажно тврдел дека пукањето е измама.

Нил Хеслин и Скарлет Луис, родителите на убиениот Џеси Луис, сведочеа дека следбениците на Џонс со години ги малтретирале и им испраќале закани со смрт во лажно уверување дека лажат за смртта на својот син.

Тој бил убиен на 14 декември 2012 во пукање во кое беа убиени 20 деца и шест члена на персоналот во основното училиште Сенди Хук во Њутаун, во американската држава Конектикат.

Дванаесетте членови на поротата одлучија за казнената отштета ден по утврдувањето на компензациската отштета по двонеделното судење во тужбата за клевета со кое претседаваше судијката Маа Гера Гембл во судот во главниот град на Тексас – Остин, каде се наоѓаат радио емисијата и сајтот Инфоворс на Џонс.

Џонс, истакната фигура во американските десничарски кругови и поддржувач на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп, го нарече пукањето во Сенди Хук измама на американската влада инсценирана за да послужи како изговор за одземање на оружјето на Американците.

Родителите бараа казнена отштета од 145,9 милиони долари и компензациска отштета од 150 милиони долари. Надоместот на штета се доделува за покривање на маките и загубите на тужителот. Казнената отштета се доделува за да се казнат дејствата на обвинетиот.

Отштетата одредена во четвртокот е наменета за покривање на реалните трошоци на семејството настанато поради клеветата на Џонс, како приватното обезбедување кое го ангажирале за време на судењето поради стравот од напади од поддржувачите на Џонс.

Казнената отштета треба да дејствува како средство за одвраќање и да го спречи Џонс да го повтори прекршокот.

„Бараме да испратите многу, многу едноставна порака, а тоа е: Сопрете го Алекс Џонс“, кажа адвокатот на родителите вчера во судот. „Сопрете ја монетизацијата на дезинформациите и лагите. Ве молам“.

Претходно вчера, економист кој го ангажирале родителите сведочеше дека Џонс, неговиот медиумски бренд Инфоворс и компанијата Фри спич системс вредат 270 милиони долари.

Ова е прво од трите судења против Џонс кои ги водат членови на семејствата на жртвите од Сенди Хук.

Тој веќе изгуби низа тужби за клевета поднесени од родители на жртвите.

Но, ова е прво судење во кое поротата договори финансиска отштета.

Џонс за време на судењето се трудеше да се дистанцира од теориите на заговор, извинувајќи им се на родителите и признавајќи дека пукањето во Сенди Хук е „сто отсто реално“.

И покрај повлекувањето на своите тврдења за Сенди Хук, Џонс продолжи да ја користи својата медиумска платформа за да тврди дека случајот е наместен против него и тврдеше дека членовите на поротата „не знаат на која планета се наоѓаат“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.