Тепачки за гориво во богатата со нафта Либија

Голем недостиг на гориво има од неодамна на бензиските станици во либиската престолнина Триполи, а се’ почести се и прекините на електричната енергија. Колоните пред бензиските станици секојдневно стануваат се’ подолги, пишува „Франс Прес“, пренесува Нетпрес.

Официјално не се соопштени причините за задоцнетите доставки, а властите објавиле само дека Триполи не располага со доволни количества на гориво.

„Пред бензинските станици има долги колони. Кога некој ќе се обиде да влезе преку ред, тогаш настануваат инциденти. Некои од оние што чекаат во колоните во своите возила имаат и оружје, а кога ќе дојде до инцидент воопшто не се двоумат да го употребат“, се вели во објавеното.

Неколку бензиски станици биле принудени да затворат.

Преодната власт не успеа да воведе ред во земјата која е зафатена од анархија.

Изминатава недела властите дури и одлучија да распоредат безбедносни сили на бензиските станици.

Од друга страна, поради високите летни температури, клима уредите во Триполи работат со полна сила, а националната електро-компанија била принудена да воведе рестрикции на доставката на струја и тоа од три до седум часа на ден.

По падот на Моамер Гадафи во 2011 година, Либија постојано страда од недостиг на струја. Електричните централи ширум земјата претрпеа големи штети за време на осумте месеци на воени судири.

Странските компании, кои ги ремонтираа централите, ја напуштија Либија, поради големото насилство и поради честите анапади врз странските претставништва.

Либија, која е богата со наоѓалишта на нафта, сега увезува околу 70 отсто од потребите на гориво.

Останатото количество се произведува во рафинеријата „Зауија“, во западниот дел од земјата.