Термините „проширување“ и „интеграција“ изостанаа од Декларацијата од Загреб

Европската Унија ја афирмираше својата посветеност кон европската перспектива на земјите од Западен Балкан и ќе ја поздрави посветеноста на овие земји кон оваа перспектива како стратешка определба. Ова ќе биде пораката од „Декларацијата од Загреб“, која ќе биде одобрена од лидерите на земјите членки на ЕУ и оние од регионот во видео конференција која ќе се одржи утре, 6 мај.

 „Денес, ЕУ уште еднаш ја потврдува својата безрезервна поддршка за европската перспектива на Западен Балкан. Партнерите од Западен Балкан ја потврдуваат својата посветеност кон европската перспектива како стратешко решение“, се наведува во Декларацијата од Загреб.

Како што пренесува Радио Слободна Европа, зборот „проширување“ или „интеграција во ЕУ“ не се наоѓа никаде во нацрт текстот на оваа Декларација. Првата причина е дека некои скептични земји за проширувањето, како Холандија, Франција и Германија, не сакаа да биде ова самит за проширување. Другата причина е поради разликите околу статусот на Косово и нејзиното учество на состанокот. Според овие извори, Шпанија и некои земји не би учествувале доколку се даде знак дека Косово се третира како држава, пренесува АлсатМ.

На Самитот ќе се побара поголема посветеност на решавање на несогласувањата меѓу партнерите во регионот, регионално помирување и соработка, реформи во правосудството и борба против организираниот криминал и корупцијата. Исто така, се вели дека почитувањето на европските вредности и резултатите од владеењето на правото ќе бидат услов за помошта што ЕУ ќе му ја даде на регионот во иднина.

Најголемиот дел од документот ја споменува помошта што ЕУ ја обезбеди и планира да им ја обезбеди на земјите од балканскиот регион за да се справат со последиците од пандемијата предизвикана од корона вирусот. Самитот првично требаше да биде одржан во хрватскиот главен град Загреб каде ќе се дадеше нов импулс на процесот на проширување. Но, околностите создадени од пандемијата влијаеја на оваа средба и таа ќе биде преку видео конференција.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.