Терористички закани до неколку олимписки комитети во ЕУ

Олимписките комитети на неколку држави од Европската Унија информираа дека добиле електронска пошта со закани против нивните спортисти за време на Зимските олимписки игри во Сочи во февруари, јавува Ројтерс, пренесува Нетпрес.

Портпаролот на Германскиот олимписки комитет вели дека писмото до Берлин се совпаѓа со тоа до Унгарскиот олимписки комитет и дека веројатно е испратено до многу други адреси.

„Гледаме сериозно на сите сигнали во однос на безбедноста и сме во  постојан контакт со соодветните германски власти“, вели портпаролот Кристијан Калуе.

Претходно од Унгарскиот олимписки комитет информираа дека добиле имејл со терористички закани кон нивните олимпијци. Писмото било испратено до Меѓународниот олимписки комитет и до рускиот организациски комитет на игрите.

Според зборовите на шефот на меѓународното одделение на УОК, Жигмонд Над, по направените анализи МОК и организаторите во Сочи официјално објавија дека заканата не е реална.

Двете институции истакнаа дека „тоа лице испраќа секакви соопштенија до многу членови на олимпиското семејство“, вели Над.

Италијанскиот и Словенечкиот олимписки комитет исто објавија дека добиле заканувачки имејлови. Од комитетот во Италија велат дека писмото го препратиле до службите за безбедност, а портпаролот на словенечкиот комитет Бране Дмитрович вели дека писмото, напишано на руски јазик, било прееведено на словенечки и препратено до полицијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.