Терористот од Виена го преуредил мебелот во станот, за да ѝ направи заседа на полицијата

Терористот од Виена со потекло од тетовското село Челопек, кој на почетокот на месецов изврши терористички напад во австриската престолнина, го подготвувал својот стан за пресметка со полицијата, јавија светските медиуми.

Кујтим Фејзулаи, непосредно пред да го изврши нападот го преуредил целиот мебел во станот со цел полесно да се одбрани од евентуален упад на полицијата.

Како што покажува истрагата, тој го подготвил станот за пресметка со полицијата и очигледно имал намера да побегне од местото на нападот.

Засега на австриската полиција и натаму не ѝ е јасно како Фејзулаи со тешко вооружување пристигнал во центарот на Виена, со оглед на тоа што живеел во стан оддалечен неколку километри од местото на нападот.

Моментално во притвор се вкупно десет лица блиски до Фејзулаи, а меѓу нив е и неговиот пријател со кого бил во Словачка каде што се обидел да купи оружје и муниција.

Тој негов пријател, како што објавија австриските медиуми, тврдел дека дури кога влегле во продавницата дознал дека Фејзулаи сака да купи муниција и поради тоа дури и се скарале. Тој рекол дека за време на нападот се обидел да го добие својот пријател на телефон и да го замоли да не го прави тоа, но неуспешно.