Тешка победа на Барса кај Бетис, Реал и натаму на врвот

Фудбалерите на Барселона вложија многу напори двапати да го стасуваат водството на домашниот Бетис но на крајот славеа со 3:2, во последниот натпревар од 23-то коло на шпанското првенство.

Бетис поведе уште во 6 минута откако Серхио Каналес реализираше пенал, но само по три минути израмни Френки де Јонг по извонредната асистенција на Лионел Меси кој го проигра зад одбраната на домашните. Играчите на Бетис и по примениот погодок играа во ист ритам и во 25 минута од полуконтра повторно поведоа со голот на францускиот напаѓач Набил Фекир, но во третата минута од судискоро продолжени на 2:2 израмни Серхио Бускетс, повторно по асистенција на Меси. Во 72 минута по корнерот највисоко во противничкиот шеснаесетник скокна Клеман Ленгле и ја доведе Барса во водство првпат на мечот, а така гласеше и конечниот резултат 3:2.

Фудбалерите на Реал Мадрид брзо ја заборавија елиминацијата од Купот на кралот совладувајќи ја на гости Осасуна со 4:1. Домашните поведоа во 14 минута преку Унаи Гарсија, израмни Иско во 33 минута, а пет минути подоцна пресвртот го направи Серхио Рамос. Во последните моменти од мечот победата на Реал ја потврдија Лукас Васкез во 84 и Лука Јовиќ во втората минута од судиското продолжение.

Реал е на врвот со 52 бода пред Барселона со 49, Осасуна е 12-та со 28 бодови, a Бетис е 13-ти со исто толку бодови.

Претходно во баскиското дерби Реал Сосиедад на својот стадион со 2:1 го победи Атлетик Билбао. Порту ги доведе домашните во водство во 65 минута, израмни Ињаки Вилијамс во 71 минута, а ново водство за Реал Сосиедад донесе во 83 минута Александер Исак. Атлетик не успеа да израмни, а во претпоследната минута од регуларниот тек беше исклучен кај гостите Икер Муниаин.

Со новите три бода Реал Сосиедад дојде до 37 бодови и шестото место од кое се игра во квалификациите на Европската лига, а ист број бодови има и Валенсија на седматата позиција. Атлетик Билбао е деветти со 31 бод.

Во првиот меч од неделната програма Еспањол во Барселона со голот на Раул де Томас во 58 минута ја совлада Мајорка. Ова се важни бодови во борбата за опстанок на Еспањол, кој остана на претпоследното 19-то место со 18 бодови, но сега се израмни бодовно со Мајорка која е 17-то место, кое гарантира останува и следната сезона во Примера.