Тешки и неизвесни преговори на самитот на ЕУ

37

Челниците на земјите членки на Европската унија потврдија во изјавите во петокот пред почетокот на клучниот самит на Унијата дека ставовите за предлогот за седумгодишниот буџет и план за закрепнувањето од кризата предизвикана од пандемијата од коронавирусот сѐ уште се многу оддалечени, што значи дека претстојат тешки и неизвесни преговори следните два а можеби и три дена.

Предлогот заздравувањето да се финансира со задолжување на финансиските пазари е прифатлив за сите земји членки, и тоа засега е единственото околу што сите се согласуваат.

За сето друго постојат разлики во ставовите, од висината на Повеќегодишната финансиска рамка и планот за закрепнувањето, соодносот на неповратната помош и заемите, условите за користењето на средствата, алокациските критериуми, рабатот и новите извори на буџетски приходи.

Меѓутоа, голем е притисокот е да се постигне договор, бидејќи освен самата содржина на пакетот за кој се преговара, важно е и тој да биде договорен навреме, а времето полека почнува да истекува. Секој политички договор на ниво на Европскиот совет, потребно е да биде преточен во законски одлуки во Советот на Европа и Европскиот парламент, а за тоа е потребно време. Целата работа би требало да биде завршена до крајот на годината, за да може со примената да се почне веднаш на почетокот од следната година.

Најтешките прашања околку кои ќе биде и најтешко да се дојде до компромис се износот на Повеќегодишната финансиска рамка и планот за закрепнување, управување со средствата од фондот за заздравување и рабатите на приносите на некои од најбогатите земји.

Германската канцеларка Ангела Меркел потврди дека постојат големи разлики меѓу земјите членки.

„Морам да кажам дека разликте се сѐ уште многу многу големи, поради тоа не можам да предвидам дали овојпат ќе постигнеме договор. Тоа би било пожелно, но мораме да водиме сметка за реалноста“, рече Меркел пред почетокот на самитот додавајќи дека очекува многу тешки преговори и дека ќе биде потребно големо количество подготвеност на компромиси за да се постигне договор.

Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, изјави дека „ова е моментот на виситната за Европа“.

„Минуваме низ криза без преседан на здравствен, но и на економски и на социјален план. Тоа бара многу солидарност и амбиции. Во игра е нашиот европски проект“, рече Макрон. Притоа најави дека заедно со германската канцеларка и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ќе стори „сѐ што може да се постигне договор“.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте, чијашто земја е меѓу најпогодените со коронакризата, рече дека во игра е многу повеќе отколку прашањата за финансиите.

„Би сакал да разјаснам дека тука не станува збор само за финансиите. Работиме на економскиот и социјален одговор за сите европски граѓани во заеднички интерес, за вредностите кои ги споделуваме за Европа да ја направиме што поотпорна и поконкурентна на глобално ниво“, рече Конте. Додаде дека постојат разлики меѓу членките кои може да се надминат, доколку има решителност и желба за тоа.

„Доколку постигнеме договор, од оваа криза можеме да излеземе посилни. Сите потребни елементи се на масата, решението е можно, а решението е она што Европејците го очекуваат од нас, бидејќи во прашање се нивните работни места“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Холандскиот премиер Марк Руте, кој е предводник на групата таканаречени „штедливи земји“, кои за многумина се најголемата пречка за постигнување договор, вели дека шансите за успех се помали од 50 отсто.

„Проценувам дека шансите за договор овој викенд се помали од 50 отсто. Во крајна линија, поважна е содржината на договорот отколку брзината. Слаб компромис нема да ја однес Европа далеку“, рече Руте кој е единствениот, или речиси единствениот, кому брзината за постигнување на договорот не му е толку важна.

Холандија најмногу инсистира на прашањето за управување со средствата од фондот за закрепнување. Таа бара одлуките за одобривње на националните планови за закрепнувањето и исплатата на средствата за неговото спроведување сите земји членки да ги донесат едногласно.

Мишел предложи одлуките за одобрување на националните планови да се носат квалификувано мнозинство, а одлуките за исплатата на средствата би ги носела ЕК земајќи ги предвид милењата на државите членки. Дури и некои земји од групата „штедливи“ сметаат дека холандскиот став е неприфатлив.

Германија е меѓу земјите кои најмногу инсистираат доделувањето на средствата да се услови со почитување на принципот на владеење на правото. Од друга страна, пак, Унгарија се закани со вето доколку се инсистира на тоа, со што би била зафатена и Полска.

„Доколку Унгарија инсистира на тоа, ќе имаме голем проблем“, оцени Руте.

Додаде дека на самитот дошол за другите челници со аргументи да ги убеди во својот став, а „не заканувајќи се со вето ако неговиот став не биде прифатен“.

„Сметаме дека е многу важно земјите да ги спроведуваат реформите. Доколку сакаме да дадеме неповратна помош наместо заеми, што не го сметаме за добро решение, тогаш велиме дека мора да дадат цврсти гаранции дека тие реформи ќе бидат спроведени“, рече Руте.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.