Tesla укинува неколку илјади работни места

Американскиот производител на електрични автомобили „Tesla“ објави во петокот дека ќе укине неколку илјади работни места во настојувањата да ги намали трошоците и да остане профитабилен додека го развива производството на својот клучен производ „модел 3 седан“.

„Таквите кастрења мора да се покренат во текот на следните месеци, бидејќи се забрзува производството на варијантата на ‘модел 3’ и се вложува во инженерски подобруваа во производството. Не постои поинаков начин“, наведе извршниот директор и осоновач на „Tesla“, Илон Маск, во електронската порака до вработените на блогот на компанијата.

Компанијата соопшти дека бројот на постојано вработените ќе се намали за околу 7 отсто, додека од привремено вработените и вработени по договор ќе останат само оние кои се неопходни.

Маск истакнува дека „Tesla“ се соочува со „извонредно тежок предизвик“ за електричните возила и соларните производи да станат конкурентна алтернатива на традиционалните воила и на енергетските производи кои се потпираат на фосилните горива.

„Од мај ќе мораме да ја испорачуваме верзијата од средна класа ‘модел 3’ на сите пазари, бидејќи треба да допреме до што повеќе купувачи кои можат да си ги дозволат нашите возила. Уште повеќе, мораме да продолжиме да напредуваме кон поевтините варијанти од ‘моделот 3’“, истакнува Маск.

Најевтината вартијанта на „моделот 3“ во моментов чини 44.000 американски долари, а во „Tesla“ би сакале да произведат верзија којашто ќе чини 35.000 долари.

Во последниот тримесечен финансиски извештај, „Tesla“ објави за првата добивка во последните две години од 311,5 милиони долари, со слободен паричен проток од 881 милион долари.