Тевдовски: Нема дупка во буџетот, приходите се зголемени за 6,6 отсто

„Буџетот е ликвиден и сите плаќања се извршуваат навремено, а приходите во буџетот за првите пет месеци се зголемени за 6,6 отсто“, изјави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски. Тој додаде дека буџетот е ликвиден и целосно е стабилизирана финансиската состојба.

„Исплаќаме се навремено, многу подобро од претходниот период. Не треба никој да стравува, сите плати и пензии и се друго што е издаток од буџетот во најбрзо време се исплаќа. Не би сакал да коментирам весели математики од опозицијата, бидејќи само во првите пет месеци од годинава растот на вкупните буџетски приходи е 6,6 проценти поголем во однос на истиот период минатата година“, рече Тевдовски на новинарско прашање за обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека УЈП собрала за осум отсто помалку средства од даноците и дека до мај се собрани 25 милиони евра помалку средства.

Инаку, пред неколку денови ВМРО ДПМНЕ ја обвини Владата дека лаже во врска со буџетската состојба и дека има дупка во полнењето на буџетот на име на собрани даноци во висина од 50 милиони евра, што е вовед во нов економски шок наскоро, нови потреси во државата и отежнување на животот на граѓаните кои тонат во сиромаштија.
Исто така,опозицијата обвини и дека, повисокиот данок, лошата економска политика, акцизите, вештачкото зголемување на платите и политичките лаги на Владата, не го подобрија животот и услугата на државата кон граѓаните. Туку, напротив, ги бркаат компаниите, и домашните и странските, а граѓаните живеат полошо и ја напуштаат државата секојдневно.
Од Управата за јавни приходи сѐ уште немаат коментар во врска со посочувањата на ВМРО ДПМНЕ за драстично намалените буџетски приходи од даноци.