Ти комануваше со акцијата за 27 април, му рече обвинет на Нинџа

Обвинетиот Александар Василевски-Нинџа кој досега им постави прашања речиси на сите обвинети за 27 април, своето право го искористи и со обвинетиот Михаил Младеновски, пренесува мкд.мк.

Откако овој обвинет и неговиот брат пред судот до детали раскажаа како за упадот во Собрание добивале инструкции и наредби токму од Нинџа, тој поставуваше прашања во врска со одредени лица во УБК, како и со бегалецот Никола Бошкоски. Но, наместо одговорите на прашањата да бидат во негова корист, Нинџа доби одговори на своја штета, односно обвинетиот Михајловски се заврте кон него и едноставно му рече:„Ти командуваше со акцијата”.

Кога обвинетиот Нинџа заврши со поставувањето прашања испрати апел до сите во сдуницата и ги охрабри секој да го искористи своето право да зборува и да ја каже вистината пред судот.

Обвинетиот Игор Југ не изостави и овојпат како и на речиси сите претходни рочишта да го спомене српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ. Поставувањето на парашањата Југ го започна емотивно, обраќајќи му се на Младеновски со зборовите: „Нема да ве наречам господин оти бевте блиски со мојот покоен син, па имам некако татковско чувство кон вас”. По ова Југ го праша Младеновски дали ќе се согласи дека бил искористен од Живаљевиќ за, како што рече, да му бил сапун со кој српскиот разузнавач ќе си ги испере рацете за учеството во настаните во Собранието.

Обвинетиот Младеновски на ова кратко одговори дека таква информација нема, но дека е убеден оти би се откриле нарачателите ако секој ја каже вистината.

Младеновски доби прашање и од обвинетиот Вилијам Михајловски кој го праша: „Ако не сте внатрешен, ниту надворешен соработник на УБК, дали тогаш сте шпиун?”. Ова прашање судијката Добрила Кацарска не го дозволи со образложение дека содржи навреда.

По исказот на овој обвинет Кацарска даде пауза, по што планирано е судењето да продолжи.