Тијана, Калиопи и Куку Леле ќе се погрижат за добра журка за Нова Година на плоштад

Оваа година за добра забава на градскиот плоштад во Скопје ќе се погрижат Тијана Дапчевиќ, дивата Калиопи и легендарните Куку Леле, но и младиот музичар  Мустафа Имери.

Традиционално,  Град Скопје, со поддршка на Македонски телеком, Т-Мобиле Македонија, го организираат незаборавен   дочек на Новата година, на плоштадот „Македонија“, најавија денеска дел од организаторите и учесници во новогодишната забава за пречек на Новата 2014 година.

Новогодишниот концерт, ќе почне во 21 часот, а се очекува да трае до раните утрински часови. Вистинската кулминација ќе се случи точно на полноќ кога небото над Скопје, ќе го осветли спектакуларен огномет.

„Би сакал да им посочам на граѓаните на Скопје, дека и оваа година Град Скопје во соработка со Македонски Телеком и Т-Мобиле, ќе ја организира новогодишната забава, за дочек на Новата 2014. Можам да  истакнам дека и годинава градскиот плоштад ќе биде местото за добра забава на новогодишната ноќ, токму затоа би ги поканил сите граѓани, да дојдат и заедно да ја прослават Новата 2014 година“, рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Во највеселата ноќ, граѓаните ќе се забавуваат со музиката на македонските, но и интернационални ѕвезди, како младиот, но реномиран музички уметник и интерпретатор на народни и забавни нумери, Мустафа Имери, па потоа журка со песните на Тијана Дапчевиќ, па мини концерт на македонската дива Калиопи, за на крајот да настапи нашето познато реобединето музичко дуо Роберт и Панки или попознати како „Куку-леле“.

„И годинава се очекува на градскиот плоштад, граѓаните да уживаат во одлична забава со познати музички рефрени, динамични настапи, врвни аудио визуелни ефекти, како и незаборавниот огномет кога часовникот ќе ги отчука последните минути од старата и првите секунди од Новата 2014 година. Ова е еден од оние настани, на којшто е радост да присуствуваш, но и да бидеш дел од организацијата, која што традиционално ја реализираме во соработка со Град Скопје“, истакна Жарко Луковски е главен извршен директор на T-Mobile Македонија.

Граѓаните оваа година ќе ја дочекаат со македонска музика и одлична програма.

„Имав навистина многу понуди за да настапам на новогодишната вечер во странство, но Дедо Мраз ми ја исполни желбата, да бидам дома оваа 2014 година и заедно со моите колеги и сограѓани да ја пречекам Новата година. Би сакала да ја искористам оваа можност и да ги поканам сите Македонци да дојдат на градскиот плоштад и заедно сите да се забавуваме во најлудата ноќ во годината“, кажа Калиопи.