Тилерсон предложил отпуштање на над две илјади службеници на Стејт департментот

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон предложил за 2.300 лица да се намали бројката на службениците на американското министерство за надворешни работи поради оптимизација на буџетот, пренесува агенцијата Associated Press повикувајќи се на официјални претставници.

Според неименуваниот соговорник на агенцијата, државниот секретар Рекс Тилерсон, предложил да се намали персоналот на Стејт департментот за 2.300 вработени, со што ќе се заштеди околу четвртина, поточно 26 отсто, од буџетот на американската дипломатија.

Предлогот вклучува и отпуштање на новите дипломати, коишто неодамна, како што се претпоставува, во времето на администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама, стапиле на должностите. Според агенцискиот извештај, бројот дипломати кои треба да бидат отпуштени ќе се движи околу 3 отсто од околу 75.000 вработени на разни нивоа во Стејт департментот.

Претходно администрацијата на претседателот Доналд Трамп го претстави предлог буџетот за фискалната 2018 година, кој предвидува намалување на трошоците за американската дипломатија за 28 отсто со истовремено зголемување на расходите во министерството за одбрана за 10 отсто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.