Тилерсон: САД се подготвени за разговори со Русија за стабилноста во Сирија

© AP Photo / Pool/Carlos Barria

Соединетите држави се подготвени да разговараат со Русија за заедничките напори за стабилизирање на од војната разорената Сирија, вклучително и за зоните за забранети летови, изјави американскиот државен секретар Рекс Тилерсон.

„Доколку нашите две земји работат заедно на воспоставување на стабилноста на теренот, ќе бидат поставени темелите за напредок во решавањето на политичката иднина на Сирија“, изјави Тилерсон во писмената изјава во пресрет на самитот на Г20 во Хамбург.

Инаку на маргините на самитот на „Големата дваесетка“ со нетрпение се очекува првата директна средба меѓу американскиот и рускиот челник, Доналд Трамп односно Владимир Путин.

По самитот на 7 и 8 јули во Хамбург, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон ќе отпатува во Киев, на средба со украинскиот претседател Петро Порошенко.

Во врска со оваа посета, на која ќе стане збор за уште едно жешко прашање кое ги продлабочува разликите меѓу САД и Русија, од кабинетот на Тилерсон објавија дека Вашингтон целосно ги поддржува договорите од Минск и не гледа алтернатива за нив.

Притоа не е исклучена можноста САД да се приклучат на ткн Нормандиски формат за решавање на украинската криза, која ја сочинуваат Украина, Русија, Франција и Германија, кои изразија подготвеност да го прифатат Вашингтон кој сака да ја има улогата на поддржувач на процесот.

Висок американски функционер од опкружувањето на Тилерсон, кој барал да остане анонимен, изјавил дека САД не испорачуваат и немаат донесен одлука да испорачуваат смртоносно офанзивно оружје на Украина, на кои најави во Киев остро реагираше Русија. Порошенко ја коригираше својата првична изјава дека очекува американско офанзивно оружје, наведувајќи дека очекува одбранбено.