Тимо Вернер го шокираше Баерн

Тимо Вернер, РБ Лајпциг

Еден од најбараните фудбалски напаѓачи во Европа, 24-годишниот Германец Тимо Вернер, го шокираше водството на минхенски Баерн порачувајќи дека не го интересира минувањето во редовите на германскиот великан.

„Доколку би требало да го менувам клубот, попрво би заминал од Германија отколку да отидам во баварскиот клуб“, изјави напаѓачот на РБ Лајпциг за германскиот весник Bild.

Неговата изјава воопшто не им се допадна на челниците на минхенски Баерн.

„Повеќе ништо не може да ме изненади, но никогаш немам видено играч да дава таква изјава како одговор на шпекулации“, изјави директорот на баварскиот гигант, Карл-Хајнц Румениге.

Интересно е што Тимо Вернер минатото лето беше близу трансфер во Баерн, но клубот тогаш понуди недоволни 30 милиони евра, па неговото преминување пропадна.

Вернер во овој момент е еден од најбараните играчи на фудбалскиот пазар. Најголем интерес пројавуваат англиските великани Ливерпул, Манчестер Јунајтед и Челзи. Баерн, исто така, е заинтересиран, но очигледо симпатиите не се двострани.

Сепак, се чини дека младиот германски напаѓач е најблиску да се пресели во редовите на актуелниот европски шампион Ливерпул. Повеќепати истакнуваше во јавноста дека „Редси“ се најдобрата екипа на светот, а нивниот менаџер и негов сонародник Јирген Клоп го нарекуваше најдобар тренер во светот. Ниту Клоп не ги крие симпатите кон Вернер.

Вернер оваа сезона постигна 21 погодок со седум асистенции во 25 натпревари. Окакто во 2016 година дојде од Штутгарт за 10 милиони евра, во 150-те настапи за РБ Лајпциг постигна 88 погодоци. Неговиот договор со Лајпциг трае до летото 2023 година, а наводно клаузулата за негово раскинување изнесува 60 милиони евра.