Тимо Вернер на располагање во Лајпциг уште во сабота

Германскиот фудбалски репрезентативец Тимо Вернер, кој по двегодишниот престој во лондонски Челзи се врати во бундеслигашот РБ Лајпциг, ќе биде на располагање веќе за саботниот дуел со Келн, изјави во четвртокот тренерот Доменико Тедеско.

„Првите впечатоци за Томо се многу добри. Разговаравме за неколку работи. Задоволен сум што е со нас. Ќе ни помогне и конкурира за саботниот натпревар“, изјави Тедеско на прес-конференција.

РБ Лајпциг во првото коло во Бундеслигата одигра 1:1 на гостувањето кој Штутгарт.

„Тој натпревар ни покажа дека мораме да бидеме трпеливи, особено во последната третина. Ќе бидеме подобри против Келн“, убеден е Тедеско.

Вернер, кој во 2020 година замина во Челзи, пред само два дена со РБ Лајпциг потпиша договор со важност до летото 2026 година.