Тимоние: Не избрзувајте со оценки дека сте модел и пример за регионот

Францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние денеска на прес-конференција ја разјасни позицијата на неговата земја по ветото на Самитот во Брисел за Македонија и Албанија.

Не избрзувајте со оценки дека сте модел и пример за регионот, порача денеска на прес-конференција во Скопје, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

Тимоние ги отфрли тврдењата дека францускиот претседател Емануел Макрон бил осамен во блокадата на почетокот на преговорите на Самитот.

„Некои луѓе дадоа ветувања, а потоа ги префрлија на други да ги исполнат“, рече Тимоние. Тој објаснуваше дека во јавноста се создавал впечаток дека Преспанскиот договор ќе биде доволен за почеток на преговорите, но Франција поставувала и други услови кои биле игнорирани.

„Преспанскиот договор беше предуслов за да се расчисти патот, но потоа следуваа други услови. Тоа им беше пренесено и на нашите грчки и македонски соговорници. Таа перспектива беше загубена попат”, појасни Тимоние.

Францускиот амбасадор потенцираше дека во пресрет на самитот на ЕУ се правеле „маркетиншки трикови” за да се добие впечаток дека земјата ги исполнила сите задачи за да добие зелено светло за почеток на пристапните преговори.