Тимоние: Разочарувачки е начинот на кој беше донесен законот за јазиците, виси препораката од ЕУ

Препораката за членство во Европската унија виси, поради начинот на кој е донесен Законот за јазиците, изјави за порталот САКАМДАКАЖАМ.МК францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

Според него, може да се проблематизира безусловната препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ поради начинот на кој вчера беше донесен Законот за употреба на јазиците во Собранието.

„Вчера беше разочарувачки ден бидејќи видовме настани за кои мислевме дека веќе сме им го свртиле грбот, дека немало минимум консензус за процедура за усвојување закон и нема цивилизациска дискусија за теми од интерес на граѓаните. Не е мое да судам, но глетката што ја видовме беше сѐ само не глетка од еден парламент на европска држава“, изјави Тимоние.

Францускиот абмасадор уште минатата седмица предупреди дека Македонија има други реформски приоритети, а дека Законот за јазици не е еден од нив, и не е дел од европската агенда.

„Не беше пожелно да му стави европска етикета на Законот за јазици“, изјави тогаш Тимоние за телевизијата 24Вести.

Амбасадорот одговарајќи на новинарско прашање за блокирањето на Собранието со над 35 илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ за овој закон, рече дека тој не бил почнат на најсоодветен начин.

„Собранието не функционира така како што треба… Законот не беше приоритетен за Европската Унија“, додаде амбасадорот.

Се повика на изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан. Според него. албанските партии се легитимни и посакуваат ова прашање да би решено. Амбасадорот, исто така, се повика на изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој рече дека за овој закон чекале 150 години и ќе почекаат уште малку.

„Треба да се најде инспирација во неговата мудрост“, изјави амбасадорот на Франција.

Уште кон средината на јануари Тимоние изјави дека има простор за подобрување на текстот на Законот за употреба на јазиците, бидејќи, како што вели, се работи за многу комплициран текст.

„Има простор за подобрување на содржината на Законот за употреба на јазиците и не сум единствениот кој смета дека се работи за комплициран текст кој не е лесно да се разбере“, вели францускиот амбасадор“, рече Кристијан Тимоние во интервјуто на Радио Слободна Европа.

„Од друга страна, она што ме интересира повеќе за овој текст е дали се разговараше за амандманите, дали правната рамка одговара на уставната, дали, на пример, целта на текстот, но и финансиските последици беа претставени пред јавноста? Сето тоа за нас се интересни прашања кои треба да покажат дали македонскиот систем функционира како нормален систем. За мене ова е своевиден тест. Од друга страна, да бидам целосно искрен, ќе ви кажам дека постои простор за подобрување во самиот текст и тоа е возможно, затоа што станува за разговори, ова е процес којшто с уште не е завршен и не би сакал да се изјаснувам“, изјави пред речиси пред два месеца амбасадорот Тимоние.