Манчестер Сити одигра добар натпревар против минатогодишниот финалист Јувентус, но сепак беше поразен на домашен терен.
Граѓаните поведоа во 57-та минута со автоголот на Џорџо Киелини, но токму во тие тешки моменти, Јувентус ја покажа својата класа. Најпрво Марио Манџукиќ во 70-та минута израмни на 1:1, за Алваро Мората во 81-та со инзвонредно прецизен шут да постигне гол со кој “старата дама” од Англија се врати со полн плен.
Нешто слично се случуваше и во Ајндховен, каде другиот тим од Манчестер, Јунајтед му гостуваше на ПСВ.
Англичаните поведоа во 41-та минута со голот на довчерашниот член на холандскиот тим, Мемфис Депај кој уште еднаш покажа зошто управата на “црвените ѓаволи” вложи огромни средства. Сепак, радоста на гостите не траеше долго, бидејќи ПСВ израмни само 5 минута подоцна, а стрелец на погодокот беше репрезентативецот на Мексико, Хектор Морено. Конечните 2:1 и огромна радост за домашните донесе Лучијано Нарсинг, кој погоди во 57-та минута.
Најубедливи беа шпанските екипи Реал Мадрид и Севиља, рутинирани победи забележаа и Атлетико Мадрид, ПСЖ и Бенфика, а Волфсбург со еден гол стигна до трите бода на дуелот со ЦСКА Москва.
Постигнати резултати:
Реал Мадрид – Шахтјор 4:0, ПСЖ – Малме 2:0 (А група),
ПСВ Ајндховен – Манчестер Јунајтед 2:1, Волфсбург – ЦСКА Москва 1:0 (Б група),
Бенфика – Астана 2:0, Галатасарај – Атлетико Мадрид 0:2 (Ц група),
Манчестер Сити – Јувентус 1:2 и Севиља – Борусија Менхенгладбах 3:0 (Д група).
Дуелите од другите четири групи се играат вечерва.
Стравична повреда за дефанзивецот на Јунајтед
Натпреварот во Ајндховен го одбележа и тешката повреда на левиот бек во Јунајтед, Лук Шо кој по еден старт на Морено заработи двојна скршеница на ногата. Младиот дефанзивец беше изнесен на носилки и со маска за кислород, а по операцијата која ќе биде извршена во Манчестер, најверојатно ќе следи пауза од 6 до 8 месеци.
Веднаш по натпреварот, Морено, фудбалерот кој го повреди Шо јавно му се извини на младиот англиски репрезентативец, изразувајќи жалење за стартот и што побрза рехабилитација.