Тина Тарнер се збогува од јавната сцена

Американската пејачка Тина Тарнер е на јавната сцена повеќе од шест децении и благодарение на успехот и популарноста кои ги постигна во кариерата ѝ беше доделена титулата „кралица на рокенролот“, а на 81-годишна возраст одлучи да се повлече и да се збогува со своите обожаватели.

Тарнер одлучи да ѝ се оддолжи на својата верна публика, која беше со неа претходните 60 години, и направи документарец за HBO во кој ја раскажува својата животна приказна. Овој документарец е всушност последното обраќање на пејачката кон јавноста и збогување од обожавателите, а во филмот таа вели дека сака да влезе во третото и последното поглавје од нејзиниот живот без рефлектори.

Во документарецот, Тина се сеќава на својата младост, исполнета со тага и болка, а потоа и на нејзината вистинска љубов и глобалната слава што ја стекна во зрелите години. Филмот открива дека пејачката страда од посттрауматски стрес, што е последица на долгогодишното семејно насилство кое го претрпела додека била во брак со Ајк Тарнер.

– Трпев од злоупотреба, нема друг начин да ја раскажам оваа приказна. Тоа е реалноста. Тоа е вистината. Тоа е она што го добиваш, па мора да го прифатитш. Ова не е убав живот. Доброто не го надмина лошото – заклучи Тина, која го преживеа мозочниот удар и борбата против ракот.

По бракот со насилниот Ајк, таа најде среќа во средината на 1980-тите со Ервин Бах, директорот на издавачка куќа.

– Тина ми рече „Ајде да одиме во Америка, сакам да се збогувам со моите фанови. Да им кажам збогум и да им се заблагодарам за сè и тоа ќе биде мојот крај. Моето последно збогување – признава пејачката во еден од извадоците од филмот.

Да потсетиме, животот на Тина беше прикажан и претходно, најпрво во нејзината автобиографија од 1986 година „Јас, Тина“, а потоа и во биографскиот филм од 1993 година, во кој улогата на Тина ја толкува Ангела Басет.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.