Тинејџер со нож уби наставничка во училиште во Бразил, повреди уште петмина

Тринаесетгодишен ученик од основно училиште во бразилскиот град Сао Пауло денеска со нож ги нападна своите наставници, при што усмрти еден и повреди тројца, а повреди и двајца ученици, изјавија официјални претставници.

Петмината повредени се хоспитализирани и се во стабилна состојба, а осомничениот напаѓач е приведен од воената полиција, а сега е под истрага.

Убиената наставничка имала 71 година. Таа минатата недела се обидела да го реши конфликтот меѓу напаѓачот и еден ученик, кога се степале.

„Тоа момче го нарече другото момче мајмун и стаорец, на овој не му се допадна тоа, па почнаа да се тепаат“, изјави ученик, кој со напаѓачот одел во исто одделение.

Според него, на напаѓачот не му се допаднало како интервенирала наставничката, па рекол дека ќе направи нешто поради тоа.

Напаѓачот денеска влегол на класот со маска со мотив на череп преку главата, па ја прободел наставничката одзади – во главата и во грбот, рекол неговиот соученик и додал дека тогаш сите почнале да бегаат.