Децата и тинејџерите до 18 години ќе можат да влезат во угостителски објект без да покажат потврда дека се вакцинирани или дека прележале ковид-19. Новите мерки за влегување во угостителски објект важат за сите постари од 18 години, велат од Министерството за здравство.
Според протоколите за угостителските објекти кои служат храна, рестораните во хотелите и кафетериите каде што најмногу можат да се видат тинејџери и деца заедно со родителите на една маса, можат да се сместат само шест лица.
Обврската на сите е да ги почитуваат мерките кои се однесуваат на држење растојание, дезинфекција на рацете и редот во угостителскиот објект предвиден во Протоколите за објектите во кои престојуваат.
Досега во земјава против ковид-19 се вакцинирале вкупно 4.000 деца од 12 до 18 години. Според последните податоци на Институтот за јавно здравје содржани во извештајот од 25 јули досега во земјава се регистрирани 2.993 случаи на ковид-19 кај деца на возраст од 0-9 и 6.909 случаи кај деца од 10-19 години.
Последните владини мерки за заштита од ковид-19 кои стапија на сила од денеска предвидуваат за влез во угостителски објекти задолжително да се покаже потврда за извршена имунизација со најмалку прва доза или со потврда за прележан ковид-19 од пред 45 дена. Угостителите треба да обезбедат редарска служба која ќе ги проверува потврдите при влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде што има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).
Од денеска целосно е забранета организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти и кафетерии, вклучително и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип.