Тиодоровиќ: Уште 33 заразени лица со вирусот во старечки дом во Ниш

Во приватниот дом за стари лица „Ескулап“ во Ниш, каде во изминатите неколку дена беше потврден коронавирус кај двајца вработени, денес болеста е потврдена кај 30 корисници и тројца вработени, изјави епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Тиодоровиќ кажа дека во тек е пренесување на пациентите во Клиничкиот центар Ниш, додавајќи дека во изминатите два дена се хоспитализирани и 151 корисник на Геронтолошкиот центар во Ниш.

-Сите пациенти во моментов се добро. За жал, двајца корисници на Геронтолошкиот центар во Ниш починаа пред да се потврди присуството на вирусот во установата. Тоа беа стари лица со хронични заболувања, изјави Тиодоровиќ за РТС.

Според него, најголем проблем за здравствените работници ќе биде пренесувањето во Клиничкиот центар во Ниш на лица со посебни потреби од домовите за возрасни во Кулин и во Блаце.

Медимите пренесуваат дека и во Домот за стари лица во Смедерево се евидентирани 24 случаи на заразени лица, каде досега три мажи и три жени починале.

Заменик директорот на Институтот Батут, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, во вторникот изјави дека е потврден коронавирус и кај повеќе од 40 пациенти на Специјалната болница за психијатриски болести во Топоница.

Таа вчера на прес конференцијата на владиниот кризен штаб изјави дека во установите за социјална заштита и старечките домови во Србија, вкупно 208 лица се позитивни на вирусот и 30 вработени.

-Епидемиолошката линија, со оглед на вчерашниот и денешен зголемен број на заразени и починати, и покрај превземените мерки, како и поединечните случаи (Геронтолошкиот центар во Ниш), говорат дека епидемијата од ден на ден може да се менува, кажа Кисиќ, додавајќи дека „ова не го очекувале и дека ова е предупредување поради кое не смее да се опуштиме.“

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.