„Титаник“ пак одложен

Судењето за случајот „Титаник“ во кој за злосторничко здружување и повреда на избирачкото право се обвинети поранешниот премиер, Никола Груевски и уште 20 други лица повторно беше одложено. Причината за одложувањето е иста како и од минатото рочиште- затоа што сѐ уште нема решение по барањето на адвокатите на обвинетите да се изземе судечкиот совет, претседателот на Кривичниот суд, неговиот заменик, како и претседателката и заменикот на Апелациониот суд.

Адвокатите побараа изземање поради сомнеж дека судиите се дел од нелегално прислушуваните разговори. Тие посочија дека специјалната обвинителка Катица Јанева во телевизиско интервју кажала дека постојат судии кои биле прислушувани и постапуваат по предметите на СЈО. Еден од адвокатите испратил барање да му кажат кои се прислушуваните судии, но Јанева сѐ уште не одговорила, па затоа се побара изземање на целиот судечки совет, претседателите и замениците на Кривичен и Апелација.

На денешното рочиште се појавија сите обвинети, меѓу кои и Гордана Јанкулоска која не дојде на претходното поради отворено боледување. Во овој случај обвинети се и поранешниот шеф на кабинет на Груевски, Мартин Протуѓер, порашениот генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, градоначалникот на Пустец, Едмонд Телемко, пратеникот Илија Димовски и други.

Според СЈО, тие е обвинети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.