„То Вима“: Грција денеска ќе банкротира

Финансиските околности во Грција ќе се влошат и до референдумот ќе има уште повеќе непријатни изненадувања. Позицијата на земјата брзо се влошува, пишува денеска „То Вима“, пренесува МИА.

По затворањето на банките и наметнувањето контрола на капиталот, денеска и официјално ќе биде прогласен банкрот, истакнува весникот.

Грчката Влада нема средства да го плати долгот кон Меѓународниот монетарен фонд, што значи дека не може да ги исполни своите обврски. Без оглед на тоа дали долговите се прогласени за задоцнети, процедурата за транзиција на земјата во состојба на банкрот ќе биде иницирана автоматски, информира „То Вима“.

Според некои извори на кои се повикува весникот, како што јави дописникот на МИА од Атина, Европската централна банка ќе дејствува без одложување, третирајќи ја грчката слабост како знак за банкрот и драстично ќе ја намали вредноста на гаранциите понудени од страна на грчките банки за потребите за рефинансирање.

– Во суштина нашите банки ќе имаат ограничени опции за финансирање, ќе се смета дека тие го немаат потребниот капитал и ќе пропаднат за неколку дена, пишува „То Вима“.

Весникот додава дека банките нема да бидат во состојба да ги покријат 60-те евра кои Грците дневно можат да ги повлечат од своите сметки.

Министерството за финансии призна дека на пензионерите не може да им исплати 240 евра и оваа исплата ја ограничи на 120 евра. Никој не верува дека банките можат да се вратат кон нормално функционирање без поголеми последици за нив и нивните клиенти.

– Со други зборови, развојот на настаните е драматичен за грчката економија од моментот кога пропаднаа разговорите и беше најавен референдумот, без да се направат било какви подготовки од суштинско значење. И сето тоа во само три дена, ќе има многу повеќе до референдумот. Ќе бидеме сведоци на уште многу работи до недела“, подвлекува „То Вима“.

За жал, оние кои се одговорни – и покрај тоа што беа предупредени долго пред да ги преземат нивните должности, не ја сфаќаат, дури ни сега, критичноста на околности и не го сфаќаат степенот на претстојната национална катастрофа, коментира весникот.

– Непристојно е што премиерот изгледа опуштен, мирно изјавува дека еден ден по референдумот се ќе биде нормално и дека тој ќе биде во позиција да постигне договор со нашите партнери во неколку часа!“, заклучува „То Вима“

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.