„Точки на интерес“ – фотографии од Живко Јаневски во Културно информативниот центар – Скопје

Одделот за Современа фотографија и филмски материјал при Музејот на град Скопје ја организира изложбата „Точки на интерес“ во чии рамки ќе бидат претставени фотографии од Живко Јаневски.

Изложбата ќе биде отворена на 1 декември (четврток) во 19:30 часот во галерискиот простор на Културно информативниот центар – Скопје (КИЦ).

Фотографскиот опус на доајенот на македонската фотографија, Живко Јаневски што ќе биде претставен на поставката е дел од истражувачки проект на Одделот од 2020 година именуван „Меморијата на Живко Јаневски“.

„Истражувањето насловено ‘Меморијата на Живко Јаневски’ се насочи во правец на пронаоѓање на фотографиите во дневниот весник Нова Македонија и другите изданијата на Издавачкото претпријатие за нивно датирање и потребата за нивното објавување. Направен е детален увид на материјали кој се наоѓаа во пронајдените ‘жолти коверти’“, се вели во описот за изложбата.

Истражувањето во големиот материјал од 285 црно бели филмови и 9.500 негативи, според истражувачите, упатува на сознание дека се работи за еден релевантен документарен и авторски исказ.

Организаторите на изложбата информираат дека поголемиот дел од фотографиите биле објавени, служејќи како илустрации на текстови или студиозни презентации на одредени проблеми и теми во дневниот весник, а преку објавените фотографии се датира периодот на создавањето на фотографскиот материјал.

„Во овие фотографски записи, материјали достапни за оваа изложба, снимени во почеток на деведесетите години на минатиот век односно од средината на 1989 до 1994 година, документиран е периодот на осамостојување на нашата држава како и времето на големите општествени промени“, стои во најавата.

На филмските негативи запишани се првите денови на плурализмот, новото Собрание, заминувањето на ЈНА од Македонија, протестите за враќање на македонските војници од ЈНА, бројни посети на значајни политички претставници од повеќе земји и организации и бројни други случувања околу Собранието како и бројни културни и спортски настани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.