Тодоров додели решенија на 53 волонтери во Клиничката болница-Штип

Педесет и тројца волонтери во Клиничката болница во Штип денеска ги добија решенијата за вработување на неопределено работно време, пренесе МИА.

Министерот за здравство Никола Тодоров по доделувањето на решенијата изјави дека станува збор за една од позначајните мерки кои Владата ги донесе, а позитивно се рефлектираше за волонтерите во здравството, кои, како што рече, се носечка сила во овој сектор.

– На ниво на цела Македонија имаше над 1.900 волонтери, кои што работеа во здравствените установи повеќе години, некои пет, некои седум, 10, 15, а во Штип гледаме дека има и волонтер кој работел 19 години, истакна Тодоров.

Додаде дека решенијата кои ги добија 53 волонтери се значајни и додека не се поминат сите процедури не смее да им биде прекинат работниот однос.

Директорката на Клиничката болница-Штип, Елизабета Папарова вели дека денеска ги добија решенијата оние волонтери кои имаат непрекинато работа, односно договор од 1 септември 2014 година.

Драги Димитриев, кој 19 години бил волонтер во болницата изјави дека е задоволен што конечно го добил решението за трансформација на работниот однос, досега работел како болничар на неколку одделенија, а сега е болничар во Физикална терапија во бањата Кежовица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.