Тодоров: Покрај најавените шест, ќе се набават дополнителни четири мамографи

 

Покрај најавените шест мамографи, дополнително ќе бидат набавени уште четири мамографи. Целта е мамографскиот скрининг да се изведува на повеќе локации во државата, односно оваа здравствена услуга да биде што е можно подостапна за женската популација.

Покрај најавените шест ќе се набават уште четири нови мамографи

mamografi.jpg-500
Покрај најавените шест ќе се набават уште четири нови мамографи

Министерството за здравство во континуитет е фокусирано на унапредување на условите за лекување на пациентите и примена на најсовремени достигнувања во дијагностиката и третманот на пациентите. Токму во таа насока, спроведовме набавка на шест нови дигитални мамографи за потребите на вкупно 6 јавни здравствени установи, кои во текот на овие и наредните денови ќе бидат инсталирани и пуштени во употреба, истакна министерот за здравство Никола Тодоров кој попладнево се обрати на 8-мата национална конференција за рак на дојка во организација на Здружението „Борка“.

Како што посочи нови мамографи ќе добијат хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и болниците во Кавадарци, Штип, Куманово, Прилеп и Кочани, а вкупната инвестиција изнесува околу 40 милиони денари.

Дополнително донесовме одлука да отпочнеме постапка за набавка на нови мамографи за Гевгелија, Радовиш, Велес и Македонска Каменица.  Со набавката на овие апарати ќе се овозможи мамографскиот скрининг да се изведува на повеќе локации во државата, односно оваа здравствена услуга да биде што е можно подостапна за женската популација, а со тоа да се овозможи и  брзо и навремено делување кај пациентките кај кои ќе се забележат одредени промени, истакна Тодоров.

Бесплатен мамографски скрининг за жени на 50-годишна возраст

Министерот истакна дека од 7-ми април годинава отпочна со бесплатен мамографски скрининг за жените на 50-годишна возраст, а до крајот на 2016 година планот ни е со мамографскиот скрининг да бидат опфатени сите жени на возраст од 50 – 69 години (околу 250.000 жени).

Бесплатен мамографски скрининг за жени на 50-годишна возраст
Бесплатен мамографски скрининг за жени на 50-годишна возраст

Тодоров рече оти е значајно што со скринингот се опфатени жени кои се асимптоматски, односно навидум здрави жени и кои, согласно податоците од системот МојТермин, не направиле мамографска контрола во последните две години. Сакам да истакнам дека невладината организација Борка од самиот почеток ја поддржа оваа мерка на Министерството за здравство и дополнително ги поттикна жените од оваа возрасна група да се јават на бесплатниот мамографски скрининг, посочи министерот.

Кај откриените случаи со мамографски скрининг било веднаш соодветно интервенирано.

Воедно, нагласи Тодоров, Министерството изработи софтверско решение, интегрирано во системот МојТермин, кое овозможува електронска евиденција на сите податоци поврзани со спроведувањето на Националната програма за рано откривање на рак на дојка.

Ова софтверско решение во системот ќе овозможи испраќање покани за мамографски скрининг, закажување термини за мамографија, евидентирање на извршените снимања, испраќање СМС пораки за потсетување, формирање комплетно мамографско досие за пациентките. Преку користењето на вакво сеопфатно софтверско решение значително ќе се олесни водењето евиденција за спроведените мамографски прегледи и ќе се овозможи добивање детални и навремени податоци за спроведувањето на Програмата.

Дополнително, во фаза на изработка е и информативна веб страница skrining.mk преку која ќе се врши информирање за сите активности кои се дел од скринингот. Планираме воведување и на информативна телефонска линија, каде што сите заинтересирани жени ќе може да постават прашања во врска со скринингот, а на прашањата ќе одговараат доктори кои директно учествуваат во мамографските прегледи, објасни министерот за здравство.

Директорот на ФЗОМ Сашо Стефаноски истакна дека Фондот, во координација со МЗ, ќе се труди да обезбеди што е поголеми финансиски средства за македонското здравство за идната година.

Првиот чекор е успешен, наредната буџет во делот на здравството ќе биде повисок за отприлика милијарда и 400 милиони денари за разлика од буџетот во 2015 година. Ова се средства кои кои ќе бидат посветени на развој на македонското здравство и подобра грижа за здравствените осигуреници, истакна Стефаноски.