Тодоров за 27 април: Настаните нанесоа физичка штета за СДСМ, а политички за ВМРО-ДПМНЕ

На денешното рочиште за настаните од 27 април сведочеше и Никола Тодоров, кој рече дека извршувал повеќе партиски функции и дека во тој период бил член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, но и пратеник и министер за здравство.

Според Тодоров, настаните на 27-ми април нанеле штета за сите, физички за СДСМ, а политички за ВМРО-ДПМНЕ, пренесува „ТВ21“.

Тој откри дека имало и разговори за широка коалиција.

– Ова првпат го зборувам. Ние имавме разговори за широка коалиција и затоа тој ден бев многу нервозен и растревожен. Ние бевме на добар пат за таа широка коалиција, која требаше да ја стави државата на патека за членство кон ЕУ и НАТО – сведочеше Никола Тодоров.

Тодоров сведочеше за случувањата во законодавниот дом и дека добил повик од Шеќеринска која го информиралата дека тие се наоѓаат во прес салата и дека има едно лице убиено.

– Веднаш се јавив кај директорката на Итната медицинска помош која испрати екипа, но истата не можеше да влезе во Собранието. Јас се обидов да се симнам и да ги внесам, но бевме истуркани и не успеавме да стигнеме до прес салата. Се упативме во една од канцелариите во Собранието, мислам дека беше на обезведувањето, и тогаш започна акцијата на полицијата. Прва интервенција беше врз полицаец кој беше повреден од шок бомба. Потоа јас се качив на трети кат и го барав Села заедно со двајца доктори – сведочеше Тодоров.