Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против три лица, меѓу кои и ексградоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, за криминал при изградбата на пешачкиот мост „Око“, кој е дел од проектот „Скопје 2014“, со што го оштетиле општинскиот буџет за над 433 000 евра.
Според директорот на Управата, Арафат Муареми, тројцата се осомничени за несовесно вршење на службената должност, затоа што не презеле активности да го заштитат буџетот на општина Центар со враќање на платениот аванс и продолжување на рокот на важност на банкарската гаранција поради неквалитетно и ненавремено извршување на работите од страна на изведувачот, „Конструктор-Инжинеринг АД за градежништво Сплит“.
Освен против Тодоровиќ, пријавата е поднесена и против М.Т., поранешен секретар во Општина Центар, и Д.Р. вработен во секторот за градежно уредување.
По извршените разговори со тројцата осомничени тие се согласија да ја надоместат штетата и ги вратиле парите кои веќе се уплатени на сметката на општина Центар. Но ова не значи дека постапката против осомничените ќе биде запрена, појасни Муареми.
Директорот рече дека истрагата за мостот „Око“ целосно е завршена, а другите предмети од проектот „Скопје 2014“, за кои е надлежна финансиска полиција се во предистражна постапка,како и дека од предистрагите произлегле сомневања за одлевање пари од земјава.