Токсичниот шарм на лицемерието

Политичката приказна на актуелнава власт е приказна на лицемерие и страв. Во неа нема место за демократијата, зашто беше соголена од нејзините морални императиви уште на самиот почеток од владеењето на оваа политичка гарнитура. Кога лицемерието станува вредност на политиката, како што е оваа, добивате лекции по морал од луѓе со сериозни морални недостатоци. Па така, кратко но интензивно го искусивме токсичниот шарм на политичкото лицемерие, кое стана канцерогено за консументот – во случајов македонскиот народ.

Не сакам политичари кои се глупави, бескрупулозни или лицемерни, да мислат дека другите се исти како нив и да ме третираат на тој начин. Предозирани од нивното лицемерие, немате друг избор освен да реагирате кога гледате колку ја загадија македонската политика со глупост и простотилак, при што глупоста е премногу агресивна, а простотилакот е премногу личен за да се поистоветите со оние кои го практикуваат. Армијата на креатори на глупоста и простотилакот полека стануваат Trade Mark на македонската политика. Се обидувате да игнорирате, но едноставно не можете, а богами и не сакате да ги премолчите и да не реагирате на глупоста, анти интелектуализмот и лагите кои ни се пласираат од оние кои ја имаат одговорноста да ги менаџираат односите во државата. До таму оди лицемерието и ароганцијата на оваа власт што се игнорира дури и вољата на народот кој го претставува. Кога реагирате на лицемерието, кое како аура ja обвиткува политикава денес, мора да направите проценка за тоа дали тоа е вредно на вашиот напор, енергијата која ви ја одзема и зборовите кои ви ги троши. А, проценката ја правите врз основа на количината акумулиран гнев кој го потиснувате и недостатокот од рационална критика во општеството.

Како може да го премолчите лицемерието на оние кои не’ убедуваа дека нема по никоја цена да го сменат името на државата, а го направија тоа, погазувајќи ја вољата на сопствениот народ? Дали да го премолчите лицемерното одрекување од т.н. Тиранска палтформа и двојазичноста, која веќе стана реалност и го отвори патот за федерализација на државата? Дали да премолчите за мултиетничката држава, или општество беше, за човековите права со етнички предзнак, за владеењето на правото по бадинтеровиот принцип и корумпираниот правосуден систем, за владеењето по устав со фабричка грешка, за прочистување на општеството без осуда на комунизмот, за историјата која бара да го заборавиме минатото за да може да го делиме, за криминалот и модно стилистичката корупција „Луј Витон“ и за уште многу прашања? Кога непосредно ќе се уверите во лицемерието на овие луѓе, не мора веќе да го потиснувате гневот кој го чувствуватее, не мора веќе да ги трпите нивните лаги, нивните глупости, нивните дворски интриги. Ниту нивните закани со кои се обидуваат да ги заплашат оние кои не можат да ги контролираат.

Лицемерието во оваа држава надополнето е и со политички мотивираниот страв. Политичката (зло)употреба на стравот е присутна секогаш кога одредени политички позиции се загрозени, или загубени. Оваа власт се обиде политички да профитира од „тероризмот“ на 27 април, претворајќи го во основа за генерирање државно спонзориран страв. Исто онака како што тоа го направи со т.н. „бомби“, или незаконски прибавените прислушувани разговори и Специјалното јавно обвинителство.

Не дека досега не сме се соочиле со државно спонзорираниот страв. Го имало и порано. Затоа и не е некое изнанадување, особено кога знаете од каде доаѓа. Истиот наратив, истите луѓе, истите егзекутори и истите поддржувачи. Истата политичка гарнитура. Размислете: зошто кризите се појавуваат со секоја промена на власта кога ребрендираните комунисти се надвор од неа? Се сеќава некој на подзаборавениот случај со бугарските летоци од почетокот на транзицијата, кој го одбележа создавањето на стереотипот во македонската политика. Кога се етаблира свеста за тоа кои се негативците во политиката, а кои се добрите момци и спасители: кој гради, а кој разградува; кои се патриотите, а кои предавниците: од каде доаѓа заканата и како таа се злоупотребува за политички цели. Овој стереотип во македонската политика вешто е надополнуван и потхрануван од подземните структури на една историски осудена политика и владеење. Конечно, може да го видиме вистинското лице на „добрите момци во политиката“. Каде не’ однесоа. Во безалтернативност и безилез: обезличени без име, без историја, без иднина.

Не можам да се начудам како може селското крило на „државотворната“ партија да продолжи да се однесува како ортодоксен верник кој ги затвора очите и ушите да не ја види реалноста и слушне гласот на оние кои ги понижи со нивните политики и одлуки. Македонскиот народ. Премиерот се пазареше и изгуби. Се коцкаше со народот на се’ или ништо. И ја прокоцка државата. И нас со неа. И како вистински коцкар свесно одбива да со соочи со фактите и информациите кои не се совпаѓаат со неговите политички очекувања и неговите политички верувања. Игнорирање и суета. Лицемерие како политичка миопиа. Ако во политиката не сте спремни да се соочите со фактите кои ви ги наметнува реалноста и врз основа на истите да ги преиспитувате своите политички одлуки, многу брзо ќе ја платите цената на политичката ирационалност. А, еве го, доаѓа април. Побрзо од некој што очекува.

Зарем оваа власт мислеше дека низ лицемерие, лаги, манипулации и државно спонзориран страв ќе не’ натера да веруваме дека ни е потребна? Додека успеваше во тоа, ја споделувавме илузијата на реалноста која ни ја креира. Реалност во која сите изгубивме. Која беше далеку од европска, а стана премногу турбо-фолк балканска. Очигледно по средбата во Охрид тоа е нашата иднина. За европската „мало сутра“, ќе попричекаме. На некоја друга генерација политичари. Овие ја прокоцкаа шансата. И името и народот и државата.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес