Томшиќ: Знаењето и компетенциите се универзално валидни и релевантни

Матевж Томшиќ e професор на Факултет за медиуми во Љубљана, Словенија

47

Професор Томшиќ, Вие сте професор и поранешен декан на Факултетот за медиуми во Љубљана. Што добива студентот како иден новинар од Вашиот факултет?

Клучните предности на Факултетот за медиуми се неговата интердисциплинарна ориентација и изразената практична ориентација на студиите. Факултетот обучува креатори на медиуми кои се стекнуваат со знаења и компетенции поврзани со целиот процес на производство на и во медиумите. Во пракса, ова значи дека некој што сака да работи како новинар, завладува и со други аспекти што се важни за пренесување на медиумски пораки (фотографија, графички дизајн, звук и слично). Во време кое бара поголема флексибилност и мултитаскинг, ова е од најголемо значење.

 Дали студентот може да реализира практична настава додека студира на ФАМЕ? Како се концепирани студиите?

Работната практика е задолжителен дел од студиската програма во повисоките професионални програми. Притоа, студентот може да биде препознаен по практичното искуство што го стекнал во својата професија. Сепак, сите студиски програми се многу практично ориентирани, со делумен исклучок на докторската програма, што подразбира подготовка на научна дисертација и што претпоставува стекнување теоретско и знаење од областа на методологијата на истражување.

Во кои земји Вашите студенти можат да работат? Постои ли можност за студентска размена во друга земја?

Знаењето и компетенциите стекнати од студент на Факултет за медиуми се универзално валидни и релевантни, така што по дипломирањето може да се вработи во различни земји во Европа и светот. Инаку, веќе за време на студиите е можно студентот да помине одредено време во некоја странска академска институција – на пример во рамките на програмата Еразмус, во која е вклучен факултетот.
Кога некој студент од странство ќе дојде во Словенија, на нашиот факултет, му обезбедуваме и работа преку нашиот проект „Study, work and live in Slovenia. Тоа значи, освен студиите, студентот може да работи и на тој начин, да обезбедува дополнителни средства за престој во земјата и за посветеност на студиите.

Зошто некој од Северна Македонија би дошол да студира на ФАМЕ?

Факултетот за медиуми нуди студиски програми кои со својата интердисциплинарност, разновиден спектар на содржини на студии и практичност, се уникатни не само во словенечката област за високо образование, туку и пошироко. По завршување на студиите, нашиот студент може да работи професионално во различни области, како што се новинарство, маркетинг или односи со јавноста. Постои голем интерес за овие професионални профили секаде низ светот.

Кое е вашето мислење за новинарството како професија во светски размери? Каква е ситуацијата во Словенија каде Вие, всушност, соработувате со многу новинари и медиуми?

Новинарството е активност која е исклучително важна за функционирање на современото општество, бидејќи овозможува граѓаните да добијат релевантни информации за она што се случува дома и низ целиот свет. За жал, неодамна бевме сведоци на влошување на новинарските професионални стандарди. Наместо непристрасност и вистинитост, честопати се занимаваме со измама, пропаганда и политички активизам. Ова е типично не само за поранешните комунистички земји, како Словенија и Македонија, туку и за воспоставените западни демократии. На Факултетот за медиуми се стремиме да ги обучиме идните новинари кои ќе ја следат првичната мисија на оваа професија. И јас се осмелувам да кажам дека сме успешни во овој напор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.