Тони Крос во последен момент ја спаси Германија

Фудбалерот на европскиот клупски шампион Реал Мадрид, Тони Крос со фантастичен погодок во последните секунди од дуелот во саботата вечерта во второто коло од Светското првенство ѝ донесе победа на Германија од 2:1 (0:1) над селекцијата на Шведска и ги продолжи надежите на актуелниот светски првак кој до тој миг беше под знак прашање за пласман во осминафиналето.

Ова беше вториот пресврт резултатот на мундијалот, по оној на Швајцарија во петокот против Србија, и тоа извојуван со играч помалку во полето. Поведе Шведска во 34 минута преку Оле Тоивонен, а Германците израмнија преку Марко Ројс во 48 минута а Тони Крос ја донесе огромната радост за „елф“ на истекот на последната петта минута од судиското продолжение.

По неочекуваниот минимален пораз во првото коло од Мексиканците, Германија во вториот дуел против Швеѓаните мораше да игра на победа и нејзините играчи од самиот почеток тргнаа агресивно. Првите десет минути се играше исклучиво на половината на Шведска, но Германија не успеа да создаде конкретна шанса и да го валоризира својот притисок. Најголемата шанса во воведниот дел во 3 минута го имаше Вернер кој со глава ја спушти топката за Дрекслер но неговиот удар од близина го блокираше шведскиот капитен Гранквист. Швеѓаните во текот на целиот меч се закануваа од брзите противнапади, а веќе во првата таква ситуација Берг изби сам пред Ноер, а кога влезе во шеснаесетникот и се подготвуваше за шут Боатенг го закаќи по ногата и малку го подбутна, но полскиот судија Марцинјак не покажа на белата точка, а не реагираше ниту судиска екипа задолжена за ВАР технологијата.

Набрзо потоа се повреди германскиот играч за врска Руди кој доби ненамерен удар во главата од Тоивонен и доста долго му беше укажувана лекарска помош. Во тој период со играќ помалку Германците ја препуштија теренската иницијатива на противникот кој ја замре играта. Германскиот селектор Јоаким Лев реагираше дури во 31 минута кога наместо Руди го внесе во игра Гундоган, но до крајот на првиот дел Германија повеќе не можеше да ја врати играта од почетокот на дуелот. Напротив, во 34 минута Швеѓаните дојдоа во предност откако Крос загуби топка на својата половија, таа стаса до Клаесон кој ја уфрли во шеснаесетникот каде што Тоивонен втрча меѓу Крос и Боатенг, со гради ја смири топката пред себе и со лоб го префрли Ноер. Германскиот голман, сепак, во последните секунди од првиот дел спаси удвојување на шведското водство, кога шутот на Берг со глава во долниот десен агол со крајни напори го одби во поле.

Германците и второто полувреме го започнаа како и првото, но овојпат тоа резултираше со гол по само три минути игра. Во 48 минута Вернер упати низок центаршут од левата страна, а Ројс реагираше побрзо од шведската одбран и од пет метри ја испрати топката во противничкиот гол. Германците и по израмнувањето продолжија со големиот притисок, но Милер во 51, Хектор во 56 и Ројс во 61 минута не реагираа правовремено пред шведскиот гол. По овој голем притисок, изгледаше дека германските фудбалери се истрошија, па во последните половина час немаше голема опасност по голот на Шведска. Шведските играчи се чинеше се на прагот да ја остварат намерата да останат непоразени уште повеќе кога во 82 минута по ВАР консултацијата Боатенг поради прекршок над Гранквис го заработи вториот жолт картон и беше исклучен. Веднаш од тој слободен удар се закани Грангквист, но Ноер уште еднаш со крајни напори го спаси својот гол.

Следеше драматичен финиш во кој Германија по којзнае кој пат го демонстрираше својот пристап дека натпреварот трае до последниот свиреж на судијата. Едноставно го опседнаа противничкиот гол со опасни нафрлувања и проигрувања а во 92 минута Бранд од 18 метри го погоди дирекот. Во петтата минута од продолжението Швеѓаните направија прекршок на работ од својот казнен простор од левата страна, од кој пологично беше да се нафрли. Но Крос и Ројс одиграа куса комбинација и првиот доби чекор-два и упати фантастичен удар во поодалечениот агол на немоќниот Олсон.

Со овој гол и крајниот резултат Германија во последен момент се врати во игра за пласман во осминафиналето. Доколку резултатот останеше 1:1, Германците ќе имаа само теоретски шанси за пласман натаму, бидејќи ќе имаа три бода помалку од втората Шведска пред последното трето коло. Сега Германија и Шведска имаат по три бода, зад водечката селекција на Мексико којашто претходно во Ростов на Дон ја совлада Јужна Кореја со 2:1 која остана без бодови.

Во последното коло од Групата Ф на 27-ми јуни ќе играат Јужна Кореја – Германија и Мексико –Шведска кои ако вечерва не победеа „елф“ можеа со мирољубив резултат да го елиминираат уште во групната фаза актуелниот светски шампион.