„Топ ган 2“ е петти филм по најголема заработка во САД

„Топ ган 2: Маверик“ (Top Gun: Maverick) вчера стана петти филм со најголема заработка на сите времиња на својот домашен пазар, напредувајќи пред хитот „Црниот пантер“ на „Марвел“ од 2018 година.

„Топ ган 2“ има заработено 701 милион долари во Северна Америка, додека „Црниот пантер“ своевремено заработи 700 милиони долари. Долгоочекувано продолжение на хит-филмот „Топ Ган“ од 1986 година, со Том Круз во главната улога, може да се пофали и со светска заработка од 1,4 милијарди долари.

„Војна на ѕвездите: Моќта се буди“ од 2015. е сѐ уште на првото место – со заработка од 936 милиони долари, додека „Одмаздници: Крај на игрите“ од 2019. е на второто место со 858 милиони долари. Минатогодишниот „Спајдермен: Нема пат до дома“ – филм со најголема заработка објавен за време на корона-пандемијата – е трет на сите времиња откако заработи повеќе од 800 милиони долари дома.

Нареден, четврти филм на оваа листа е „Аватар“ од 2009 година на режисерот Џејмс Камерон, којшто е на четвртото место досега со 760 милиони долари во Северна Америка, а повторно треба да биде прикажан во кината подоцна овој месец. А, вториот дел излегува во декември оваа 2022 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.