Топаловски ја смени изјавата – Не ме удираше Нефи, ми се причинило

Полицијата сè уште не може да ги најде советникот Нефи Усеини и неговиот брат Ибро, откако охридскиот суд им одреди мерка притвор во траење од осум дена. Двајцата се осомничени за насилство врз нивниот сограѓанин, Спирко Топалоски, во инцидент што се случил пред познат хотел во Охрид.

Според првичното сведочење на Топалоски, Усеини заедно со брат му и уште две лица првин му извадил пиштол нему и на неговото малолетно дете, а потоа со оружјето го удирале по главата.

Овие тврдења беа констатирани и од снимките на надзорните камери од хотелот, па полицијата во средата поднесе кривични пријави против Усеини под сомнение дека ги сториле кривичните дела „насилство“ и „неовластено држење на оружје или распрскувачки матeријали“.

Но, адвокатот на Спирко Топалоски, Кристијан Спироски денеска испрати писмен допис во кој пренесува изјава  од Топалоски за немилиот настан.

„Јас Спирко Топалоски сега во добра здравствена состојба, сакам да ги демантирам написите кои деновиве  излегоја во јавноста, надвор од контекст  и надвор од се што се случи критичниот ден. Од еден немил настан и расправија, која произлезе најверојатно од политички причини односно од структури замене непознати со цел да се дискредитира неговото име и да се наруши нашето пријателство се направи филм. Додека јас и Нефи разговаравме, добив удар од задната страна и од стресот што го добив, особено и поради тоа што мојот син беше присутен добив погрешен впечаток за се. Да бидам искрен оружје не видов, но во целата таа паника што настана се стекнав со таков впечаток како да има пиштол, а всушност немаше. сакам да потенцирам дека се работи само за едно недоразбирање, кое е надминато. Нефи бил и ќе биде мој пријател. Би ја замолил јавноста и медиумите да се занимаваат со други поважни, а не вакви исконструирани настани“, се вели во денешната изјава која до медиумите ја испрати адвокатот на Спирко Топалоски.

Бегалецот Нефи Усеини е прв човек на огранокот на ДУИ во Охрид, советник во општината и бизнисмен.

Ова не е прв инцидент во кој учествувал советникот, кој во април минатата година спречи инспектор да изврши увид на дивоизградената тераса кај Чинарот, а притоа и му се заканувал. Обвинителството отвори предмети два месеца потоа, односно неколку дена пред Усеини да го натепа советникот во Општина Охрид, Џемал Мена, среде седница.

Охридскиот советник е ослободен и за физичкиот напад на професорот Илјаз Илјази, кој беше натепан во Охрид.