Топлификација го тужи ТЕ-ТО поради отпишан дол од 120 милиони евр

Без одлука на Собранието на акционерите, претседателот на Управниот одбор на Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД од Скопје, Вадим Михаилов, одлучил да отпише долг на компанијата од 120 милиони евра на штета на акционерите. Ова го пишува во кривичната пријава што „АД Топлификација“ – Скопје со назнака „итно“ минатата недела ја поднела до Основото јавно обвинителство, дознава „Макфакс“.

Во пријавата опфатени се 4 физички лица, ТЕ-ТО АД и кипарската офшор фирма „Битар холдинг лтд“, која е нејзин мнозински сопственик, дека сториле 2 кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувањето и оштетување или повластување доверители.

Осомничени се претседателот на Управниот одбор на ТЕ-ТО АД од Скопје, Вадим Михаилов, нотарката Снежана Сарџовска, адвокатот Никола Арсовски и Васко Блажевски, полномошникот на кипарската офшор компанија.

Пријавените, според пријавата, ја искористиле службената положба и овластувањето и постапиле спротивно на неколку закони, со што ѝ овоможиле имотна корист на „Битар холдинг лтд“ од 120 милиони евра на директна штета на акиционерите и на „Топлификација АД“ – Скопје.

Без проверка дали страните се овластени за склучување приватни исправи бидејќи сметката на ТЕ-ТО АД била блокирана, Вадим Михаилов на 24 февруари до граѓанскиот суд во Скопје поднел барање за отворање стечајна постапка. На 26 април судот донел решение, со што се овозможуваат мерки за обезбедување на ТЕ-ТО АД, односно се оневозможува „Топлификација“ да наплати правосилни и извршни пресуди во износ од 11,5 милиони евра.

Михаилов како претседател на Управниот одбор, без овластување од Собранието на акционерите, поднел барање за стечај со кое се врши отпис на долгови во износ од 120 милиони евра на штета на акционерите. Осомничените склучиле договори за долг, а потоа и извршни исправи, без одлука на Собранието на акционерите, со што ѝ овозможиле на кипарската фирма противправна имотна корист.

Во пријавата е наведено и дека „Битар холдинг лимитед“ од Кипар, преку фирмите што ги формирала во Македонија поседува целосен монопол во производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија, има значајно учество во производството и продажбата на струја (30 отсто) и контролира над 80 отсто од пазарот на природен гас. Основач, односно сопственик на АД БЕГ, е токму кипарската фирма „Битар холдинг лтд“.

„Топлификација“ испрати известување во кое пишува дека ТЕ-ТО АД почнало серија незаконски активности со кои директно ѝ се прави штета, а постои можност штета да претрпи и Република Македонија поради сериозни пропусти на судот во стечајната постапка, која Друштвото ја повело само на себе.

Дополнително, „Топлификација“ директно и со кредити ја финансирала градбата на ТЕ-ТО АД за износ од 28 милиони евра, од кои 21 милион се заеми што „Топлификација“ му ги дала на ТЕ-ТО АД. Заемите достасале, а компнијата не ги враќала долговите за што се водат неколку судски спорови.

Со одлука на Врховниот суд од 2017 година „Топлификација“ АД го доби клучниот процес во односите со ТЕ-ТО АД, со што може сите заеми дадени на Друштвото во процесот на градба во висина од над 22 милиона евра да ги наплати од него. Постапките на лицата се за да се оневозоможи „Топлификација“ да го наплати долгот, а осомничените да помогнат да биде присвоен целокупниот имот на ТЕ-ТО АД.