Топлотен бран ја пустоши Европа, се шират шумските пожари на Медитеранот

Франција евакуираше повеќе од 16.000 лица на кои им се закануваат шумските пожари на југозападот на земјата, а пожарите се проширија ширум Средоземјето, од Мароко на западот до грчкиот остров Крит на истокот, со илјадници пожарникари на терените и бројни авиони и хеликоптери за гаснење пожари, пренесуваат во понеделникот медиумите.

Властите на Жирона, популарен туристички регион, ги евакуирал во неделата и чуварите на камповите. Туристите заминале уште претходно, откако пожарите се прошириле на областите Тес-де-Буш и Ландира.

На југот на Шпанија повеќе од 3.200 луѓе побегнаа од пожарот во ридовите Мијас, но некои подоцна успеале да се вратат. Пожарите во Португалија засега се под контрола. Повеќе од 1.000 смртни случаи се припишуваат на горештините во Португалија и Шпанија последните денови.

Пожарите во шпанската ридеста област Михас се во близина на Малага, популарната туристичка дестинација. Шумски пожари избувнале и во други делови на Шпанија, како Кастиља и Леон, Галиција и Екстремадура. Во неделата пожарникар е најден мртов во областа зафатена со пожарот на северозападот на земјата, известија во понеделникот локалните власти на покраината Касстиља и Леон.

Во Франција метеоролошката агенција за понеделникот прогнозира нови температурни рекорди над 41 Целзиусов степен. Во Португалија, пак, температурите претходните денови достигнаа и до 47 Целзиусови степени. Во Португалија годинава пожарите предизвикани од високите температури уништиле 30.000 хектари, главно на северот. Тоа е најголемата штета од шумските пожари по летото 2017 година кога во разорните огнени стихии животите ги загубија стотина луѓе.

Во Велика Британија на сила е „црвен метео-аларм“ за екстремни горештини во делови на Англија, а земјата се подготвува за рекордни температури, кои во понеделникот и вторникот во некои делови би можеле да достигнат 41 Целзиусов степен.

Научничка за климата Јунис Ло од Универзитетот Бристол за BBC изјави дека „повисоките температури се знак на климатските промени“ и дека во Велика Британија 2.000 смртни случаи годишно може да се припишат на топлотните бранови.

Во научната заедница, барем во медиумите се форсира тврдењето дека високите температури се последица од климатските промени предизвикани од човековите активности. Некои од научниците, пак, се понаклонети климатските промени да ги припишат на циклус во кој влегува планетата.

Според Ло, податоците покажуваат дека од почетокот на мерењата во 1884 година првите 10 најтопли години во Велика Британија биле по 2002 година.

„Глобално, топлотните бранови стануваат сѐ почести и подолго траат. Мораме да го запреме согорувањето на фосилните горива и да дејствуваме веднаш и брзо“, додава Ло застапник на ткн „зелена агенда“.

Мароко им наредил на повеќе од 1.300 луѓе да ги напуштат своите домови и испратени се дополнителни пожарникари во справувањето со шумските пожари на северот на земјата. Областа на покраината Лараша е најтешко погодена.

Грчките пожарникари на островот Крит се борат со големиот пожар во ридовите крај Ретимна на северниот брег, откако во саботата соопштија дека делумно е ставен под контрола но силниот ветер повторно го разгорел.

Области во југозападна Турција и на јадранскиот брег на Хрватска, исто така, се борат со пожари. Неколку избувнаа во близината на градовите Шибеник и Задар, но засега властите не сметаат дека се потребни евакуации. Италијанската влада, пак, прогласи вонредна состојба во пресушената долина на реката По.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.