Топлотен бран во Европа, во Арктичкиот круг измерени рекордни 32,5 степени

Интензивните горештини во поголемиот дел од Европа предизвикаа јунски температурни рекорди од Арктичкиот круг, па сè до Северна Африка. Силниот топлотен бран предизвика пораст на температурите значително над просекот за јуни во многу земји, некаде и за 20 степени.

Во средата Норвешка забележа температура од 32,5 степени Целзиусови во Банак, наводно највисоката температура досега забележана во рамките на Арктичкиот круг во Европа. Тоа е и значително повисоко од јунскиот просек од 13 степени.

Во Полска во понеделникот температурата достигна околу 35 степени, а во делови од источна Германија на повеќе локации измерени се 37 степени.

Јунските температурни рекорди се срушени и во Словенија и Хрватска, додека во Босна и Херцеговина е измерена температура за 0,2 степена пониска од јунскиот рекорд од 41 степен.

Екстремните горештини се проширија и во Северна Африка. Температурите во Тунис во понеделникот го израмнија месечниот рекорд од 48,7 степени.

Од друга страна, Европа ја зафатија и грмотевици и невреме кои предизвикаа разорен одрон во јужна Австрија, каде едно лице загина. Поплавени се куќи и патишта во Корушка.