Торино не успеа да задржи два гола предност кај Сасуоло, но го освои првиот бод

Reggio Emilia, Italy, 23 October 2020. ANSA /SERENA CAMPANINI

Фудбалерите на Сасуоло и Торино го отворија петтото коло од италијанската Серија А со нерешен резултат 3:3, во меч во кој пет погодоци беа постигнати во последните 20 минути а гостите ја испуштија шансата за прва победа сезонава а го освоија првиот бод.

Во магливи услови гостите поведоа во 33 минута со голот на Карол Линети. Тој резултат беше активен до 71 минута кога Сасуоло успеа да израмни преку Филип Ѓуричиќ. Но набрзо Торино со два брзи погодока создаде предност од два погодока, а стрелци беа Андреа Белоти во 77 и Саша Лукиќ во 79 минута. Сепак, тимот на Сасуоло кој добро ја започна новата сезона не им дозволи радост на гостите и возврати исто така со два гола за помалку од две минути, во 84 и 85-та, а стрелци беа Влад Кирикеш и Франческо Капуто.

Екипата од Реџо Емилија со 11 бодови од пет натпревари е привремено на второто место на табелата на Серија А, со бод помалку и меч повеќе од водечкиот Милан. Торино го освои првиот брод во новата сезона привремено избегнувајќи ја последната позиција благодарејќи на подобрата гол-разлика од Кротоне.

Во сабота во Италија ќе се одиграат само три натпревара: Аталанта – Сампдорија, Џенова – Интер и Лацио – Болоња. В недела, пак, на распоредот се дуелите: Калјари – Кротоне, Беневенто – Наполи, Парма – Специја, Фиорентина – Удинезе и Јувентус – Верона.

Вечерниот термин во понеделник е резервиран за дербито на колото во кое Милан ја пречекува Рома.