Тортевски: Мора сериозно да се преиспита работењето на Димова и Националната агенција

Треба сериозно да се преиспита работата на Националната агенција за европски програми и мобилност и нејзината директорка Лидија Димова, како и да се направи ревизија, затоа што има основани сомневања за скандалозни грантови за проекти, порача адвокатот Александар Тортевски во емисијата на „24 Анализа“ на Телевизија 24.

„Сериозни институции треба да ја преиспитаат работата на Националната агенција, затоа што единствено е важна вистината, да не се нагаѓа, тоа треба да се испита и да се открие, мене интуицијата ми вели дека таму ќе се откријат работи, но не можам да кажам ништо сигурно“, истакнаТортевски.

Според него ревизијата мора да ја спроведат експерти по сѐ позачестените изјави на повеќе лица вклучени во проектите на Агенцијата кои се повлекуваат.

„Треба да се направи ревизија и вистински стручњаци да ја преиспитаат работата затоа што во јавноста излегоа доста луѓе кои сега ретерираат дека од оној проект ‘Фризерски салон’, фирма која добива 270 илјади евра за проекти за медиумска писменост, само формално биле ставени на списоците и добивале пари од проекти кои им биле барани назад“, вели Тортевски.

Во претходниот период директорката на Националната агенција го обвини Тортевски дека има личен мотив за да ја напаѓа, тој вечерва негираше дека има било каква поврзаност со Националната агенција освен предмет кој го застапува за негов клиент.

„Не се точни обвинувањата од Димова дека сум конкурирал за никаков грант, за никакви пари, кај мене се јави едно здружение кое сметаше дека е оштетено од Националната агенција, по основ на чие барање за несоновано задржани пари од страна на директорката Димова, чија странка и тужба ги застапувам“, потенцираше Тортевски.