Тошевски го обвини Заев за клеветење дека бил осудуван

„Изјавите на премиерот Зоран Заев се целосна невистина, досега никогаш не сум осудуван“, вели во реакција за Алфа бизнисменот Киро Тошевски кој беше гостин во оваа телевизија во петокот, во емисијата „Што не е јасно?“, а обвинува дека премиерот и неговиот брат, злоупотребувајќи ја власта сакаат да му го земат атрактивниот имот и земјиште лоцирани меѓу хотелот Хилтон и факултетот ФОН.

По емисијата, во саботата, премиерот одговори на прашање на Алфа во кое меѓу другото, тврдеше дека станува збор за човек, мислејќи на Тошевски, кој е пред извесно време осуден.

Тошевски приложи две потврди од судот дека досега не бил осудуван, едната е со дата 16.2.2018, а другата со датум три дена по изјавата на Заев односно на 17.12.2019.

-Одговорно изјавувам, вели Тошевски во демантот, дека досега не сум осудуван. Истовремено јавно го повикувам премиерот да одговори од каде му се информациите за мојата наводна осудуваност, додава тој.