Тошковски: Недозволиво е однесувањето на премиерот Џафери кон вработените во МВР

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски се огласи во саботата во врска со видеото кое ден претходно се појави во јавноста, а на кое се гледа како техничкиот премиер Талат Џафери ненајавено упаѓа во просториите на Отсекот за управни работи Тетово каде што во моментот овластените службени лица ги извршуваа своите работни задачи.

„Како министер за внатрешни работи, а пред се како човек сметам дека секој вработен во МВР заслужува максимална почит, без оглед на неговата позиција во рамки на хиерархијата или било каква припадност и таа почит треба да биде изразена од страна на секого, независно дали е премиер, министер или извршува било каква друга функција“, наведува Тошковски.

Имено, снимките од вчерашната ненајавена посета на Џафери на СВР Тетово прикажуваат како тој со ултимативен тон им се обраќа на вработените, во службените простории. На едно од видеата се гледа и како во одделот за замена на возачките дозволи техничкиот премиер своеволно ги собира потврдите од граѓаните кои чекаа и ги дели на службениците. Движејќи се низ канцелариите се обраќа со тон кој треба да делува авторитативно кон вработените, бара отчет за работата, информации за нивното присуство во канцелариите, и тие што не работат во тие простории да ги напуштат.

„Таквото однесување на премиерот спрема вработените, особено спрема една колешка сметам дека е недозволиво, несоодветно и не доликува на човек кој извршува таква функција, а уште повеќе и поради фактот што таа жена според информациите што ги добив е сопруга на човек кој го дал својот живот во извршување на работни задачи, токму како припадник на Министерството за внатрешни работи“, продолжува Тошковски.

Инаку, техничкиот министер кој доаѓа по предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ според ткн „Прижинска влада“, во изминатиот период повеќепати реагираше дека Владата не му дозволила да назначи друг началник на СВР Тетово.

„Во таа насока сметам дека најмалку што може техничкиот премиер Талат Џафери да направи во овој момент е да се извини за ваквото однесување и во иднина да се воздржи од вакви постапки кои сигурно нема да придонесат за подобрување на работата на институциите“, вели Тошковски.