Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска гостуваше во телевизија Шења каде што, меѓу другото, ја образложи денешната акција на СВР Штип по којашто во соработка со надлежен обвинител и по постапка иницирана од актуелниот градоначалник на Општина Штип се поднесени кривични пријави во која се опфатени повеќе лица.
Тошковски истакна дека станува збор за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, неовластено работење во службата, како и фалсификување на фактури за нафта за снабдување на институции, кој ги констатирал директор на училиште по претходна пријава од вработен во институциите.
„Од страна на СВР Штип, по претходно иницирана постапка од страна на сегашниот грагоначалник на Општина Штип, преку директорот на едно од основните училишта во Штип е поднесена кривична пријава со која што се опфатени поголем број на лица. Кривична пријава за која што, како кривични дела кои што се сторени, се обезбедени соодветни докази од страна на СВР Штип и истата се однесува за злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење во служба и, мислам дека имаше и фалсификување на исправи во однос на фиктивна количина на нафта која што, преку договорниот орган, била доставувана во рамки на повеќе институции во рамки на општината за временски период од почеток на 2021 заклучно со 2023 година. Опфатени се повеќе лица во овој предмет, согласно информациите со кои што ги имам добиено, станува збор за повеќе милионска злоупотреба на буџетски средства на Општина Штип“, рече Тошковски.
Овде, додаде Тошковски, службите во рамки на министерството имаат утврдено дека станува збор за овие три кривични дела за кои се обезбеди соодветни докази и се превземаат сите дејствија во рамки на законот кој што треба да се превземат, се со цел да се утврди фактичката состојба.
„СВР Штип покренува постапка по одреден степен на докажаност на селокупниот докажан материјал кој што е прибран во соработка со надлежен јавен обвинител. Колку што имам информација во овој предмет и суштината на сето она кое што се превзема како дејствие, на крајот на денот, да овие буџетски средства бидат соодветно вратени во рамките на буџетот на оштина Штип“, истакна министерот Тошковски.
Во однос за тоа дали има приведени лица, министерот рече дека станува збор за редовна постапка, не станува збор за итна постапка каде што имаме приведување.
„Битно е дека во конкретнава ситуација имаме иницирано кривична пријава од страна на актуелен градоначалник, преку директор кој што утврдил фактичка состојба врз основа на сомненија кои што биле дадени од страна на вработен. И еве , да упат јавен апел до сите функционери кои што располагаат со буџетски средства, без оглед дали се тоа директори, градоначалници или било кој друг функционер, да превземат соодветни мерки на спречување на вакви појави и во служба на заштита на средствата на граѓаните“, повика Тошковски.
Преходно во средата, Министерството за надворешни работи со соопштение ја информираше јавноста дека се поднесени кривична пријава против 26 лица за „злоупотреба на службена положба и овластување”, „фалсификување исправа” и „несовесно работење во службата”
Третопријавениот А.М. – вработен во општина Штип, со овластување од градоначалникот на општина Штип да врши прием, распределба и достава на нафта во установите, разликата од фактурираната количина и реално доставената количина, според оригиналните вагарски белешки евидентирани во електронскиот систем на вагата на терминал во Штип ја прикривале на тој начин што изготвувале лажни вагарски белешки, кои третопријавениот ги приложувал во општина Штип, во списите од предметот на јавната набавка. Четвртопријавениот Љ.Т. – возач на цистерната со која е доставувана нафтата, и покрај тоа што знаел дека се испорачува помала количина на нафта, изготвувал товарни листови со невистинити количини, со што им помагал на прво и второпријавените во дејствијата. Петтопријавениот М.А. – овластено лице за прием на нафта но општина Штип, не постапил согласно своите овластувања, односно пред и по источување на нафта кај корисниците, не вршел претварање на разликата на нафта од килограми во литри според коефициентот на густина на нафтата, евидентиран во Сертификатот кој му го приложувал четвртопријавениот. Шестопријавената С.К. – секретар на општина Штип, на 26.01.2021 година по распределба на нафта по јавните установи во општина Штип, била запознаена дека се појавувало разлика од помалку доставена нафта од онаа која што била наведена во записниците и испратниците. После тоа, таа со допис барала документ за точноста на вагата во терминалот во Штип, а откако била известена дека вагата е точна не презела никакви понатамошни мерки за корегирање на наведениот недостаток на нафта до носителот на јавната набавка.
Останатите 20 лица – М.К., М.А., В.Ќ., Б.С., И.М., Р.П., С.Д., Г.К., Д.М., К.Р., З.Ш., И.Г., Д.К., Д.Д., Т.А., Б.С., Т.Н., П.М., К.Н. и Б.Ќ., сите од Штип, во својство на одговорни лица за прием на нафта во јавните установи, при примањето на нафтата од возачот ја потпишувале испратницата без целосно да ја спроведат постапката за прием на нафта, односно мерење на висината на нивото на резервоарот пред и по источување и внесување на истите мерки во Записникот за измерено ниво нафта во резервоарот. Со ваквите дејствија на Буџетот на општина Штип била предизвикана штета во износ од 18.403.386 денари“, се појаснува во соопштението на МВР..